По скопските улици се маршираше против говорот на омраза

Со рута од Музеј на Град Скопје, улица „Македонија“, па до Универзитетот на ЈИЕ (Стоковна куќа „Мост“), денеска се одржа осмиот Марш на толеранцијата, со кој беше промовирана и кампањата „Омразата е слабост“.

Маршот беше организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а беше посветен на борбата против говорот на омраза. Традиционално се одржува за одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата, но овој пат беше споен и со 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

Иницијаторите на Маршот веќе потенцираа дека политичката состојба во која се наоѓа македонското општество, особено последната деценија, предизвика многу негативни и насилни трендови кои се во спротивен правец на заштитата, гаранцијата и остварувањето на човековите права и слободи.

Меѓу другото, како што рекоа од Хелсиншки, овие негативни трендови и говорот на омраза се шири и особено ги погодува ранливите групи, Ромите, ЛГБТ заедницата, луѓето со попреченост, бегалците, слободомислечките граѓани и сите оние кои ја критикуваат власта.

„Припадниците на ранливите и маргинализирани групи, постојано се изложени на насилство, кон нив е користен говор на омраза и тие се цел на дела од омраза. Оттука, со тоа што нивните фундаментални карактеристики се нападнати токму преку овие негативни трендови – на говор на омраза и дела од омраза – од овие групи и поединци се прават места на повреда, и некои идентитети се вреднуваат повеќе од некои други идентитети“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.

Маршот беше поддржан и од Платформата против говор на омраза, од каде се спротивставуваат на културата на неказнивост и ги повикуваат надлежните државни институции: Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење и санкција на говорот на омраза.

 

Фото: Хелсиншки комитет за човекови права