Платформа за родова еднаквост: Државата не води евиденција за повредени и несреќи на работно место

Платформата за родова еднаквост изрази загриженост поради смртта на три работнички кои изминатиов месец починаа на нивното работно место.

На крајот од јуни и почетокот на јули оваа година имаше три смртни случаи на работнички, две работнички се од фабриката „Дрекселмаер” од Кавадарци додека третата работничка е од штипската текстилна фабрика “Јаја Мезлер“. Смртта на една од работничките од „Дрекселмаер” и официјално е потврдена од фабриката, додека за смртта на втората работничка, освен пренесената вест од медиумите и неофицијални информации од вработени, од менаџментот на „Дрекселмаер” сè уште нема официјална потврда, велат од Платформата.

„Нашата загриженост се однесува на условите во кои се работи во фабриките во Република Македонија како и недостатокот од информации за соодветна реакција од страна на надлежните органи. Учеството на жените на пазарот на труд е на исклучително ниско ниво споредено со сите земји во регионот и Европа, а ваквите случаи дополнително создаваат впечаток на негрижа и изложеност на опасност на работните места што во последниот месец непропорционално се одразува врз работничките“, стои во соопштението.

Организациите кои се дел од оваа платформа сметаат дека исклучително високиот број на повреди и смрт на работно место (42 смртни случаи во 2014 година) се состојби кои не смее да се игнорираат.

Тие бараат од надлежните институции да преземат сеопфатни мерки за да ги идентификуваат причините, да ја лоцираат одговорноста во овие случаи, меѓутоа и да предложат мерки кои се неопходни за да се превенираат вакви ситуации во иднина.

„Надлежните институции се одговорни за воспоставување механизми за утврдување на фактичките услови на работните места како и прибирање на податоци кои ќе бидат јавно достапни. Неопходно е итно, надлежните институции да ги засилат инспекциските служби и надзорот во производствените капацитети, со цел да се утврдат и отстранат сите неправилности поврзани со безбедноста и здравјето на вработенитe и злоупотребите на работничките права. Наодите од ваквите инспекции треба да бидат достапни за јавноста.

Тие испратија свој допис за загриженоста до надлежните институции со конкретни препораки, воедно ја потсетија јавноста, а особено работничките и работниците кои се соочуваат со прекршувања на нивните работнички прави, анонимно да пријават дискриминација и повреда на нивните права и условите за работа преку веб платформата на „Реактор – Истражување во акција“.