Пластика, гуми и градежен шут извадија нуркачите од Охридското езеро, најзагадено кај Трпејца

Автомобилски гуми, пластични шишиња, најлонски кеси, покуќнина, азбестни цевки и друг цврст отпад извадија денеска нуркачите од центарот „Амфора“ и клубовите за подводни активности Охрид, јавува Охрид њуз. Тие денеска имаа акција за чистење на дното на езерото која се одвивање градскиот кеј на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта.

Нуркачите најмногу извадиле отпад кај крајбрежјето, додека во подлабоките делови ситуацијата била подобра. Најкритично, според нив, е кај Трпејца каде во езерските води имало поголеми количини градежен шут кој останал по уривањето на дивоградбите во туристичката населба.

Вакви акции охридските нуркачи организираат редовно веќе 20 години. Иако забележуваат напредок, сметаат дека недостига поголема ангажираност на институциите за заштита на животната средина и казнување на несовесните граѓани.

Извор: Охрид њуз