Плакарт ги затвора изложбите во Скопје, а отвори поставка во Варшава

Месецот на плакат во Скопје официјално привршува со затворањето на изложбата од 7. Скопје постер фестивал на тема „Дизајн за мир”, но Плакарт – Здружението на дизајнери воедно ја отвори јубилејната патувачка изложба „50 најдобри плакати | 2008 – 2012 ” во Варшава, Полска.

Со отворањето на изложбата во Варшава која ќе трае до 11 јануари, а која се реализира во соработка со Галеријата на плакат, Плакарт ги финализира проектите зацртани за 2014 година. Поставката ја сочинуват 50-те најдобри плакати од првите пет изданија на фестивалот на темите „Толеранција”, „Моќ наспроти сиромаштија”, „Екологика”, „Хив/Сида” и „Бесплатни пари”.

На свеченото отворање на изложбата меѓу другите присуствуваа и студенти од Академијата за убави уметности од Варшава, Краков, Вроцлав кои се редовни учесници и носители на највисоки признанија на постер фестивалот, професори и дизајнери од Варшава и Полска, почесниот претседател на Плакарт проф. Лех Мајевски, како и претставници од партнерските организации: престижниот Музеј на плакат, Биеналето на плакат, како и официјални лица од Бирото за меѓународна соработка и култура при градот Варшава.

На 7-от Скопје постер фестивал му претходеше поставката на плакати на Лазе Трипков која пак траеше од 17 ноември до 05 декември. Отворањето на постер фестивалот беше означено со изложбата „Дизајн за мир”, која вклучуваше селектирани студентски постери пристигнати од 44 земји, кои учествуваа на конкурсот на истоимената тема, како и цртежи на деца од акцијата „Цртаме за мир” и постери во кои професионални дизајнери ги искористија мотивите од цртежите.

Во рамки на фестивалот се одржа и првата регионална дизајн конференција на тема „Состојбите на дизајнот на Балканот и нивното интегрирање во едукативните процеси” на кои учество земаа Ива Бабаја– претседателката на светската асоцијација за дизајн, Давор Брукета од Хрватска, Борут Вилд од Србија, Ајшеѓул Изер од Турција и Мила Меланк од БиХ.