Писмо од последната клупа

Писмо од последната клупа“Јас сум Јован и имам 10 години. На училиште, во мојот клас учат деца од различни националности, меѓу нив  и Роми. Јас седам на последната клупа како најслаб ученик. До мене е мојот пријател Алберт, кој е Ром. Се дружиме и заедно ја јадеме нашата ужинка на големиот одмор. Многу го мразам мојот клас. Учителката никогаш не ми ја дава шансата да одговорам на прашањето, иако го знам одговорот. Секогаш предноста се дава на учениците кои седат на првите клупи. Разни бубалици. Додека седам на последна клупа, често гледам преку прозорецот. Ги гледам дрвјата како раснат. Ја чувствувам есента кога тргнуваме на училиште. Замислувам како ангели се симнуваат, се шетаат наоколу и се смеат. Се радуваат на животот. Исто како да сум во рајската градина. Во тој момент сакам да сум со нив.

До мене е Алберт кој често го споделува со мене погледот низ прозорецот. Понекогаш мислам дека заедно сме таму и дека исто замислуваме. Нашите пријатели не го почитуваат Алберт, а покрај него  и мене ме етикетираат со најгрди зборови. Учителката не презема ништо и не се потрудува да нè разбере, туку и понатаму има нејзини омилени деца кои редовно седат на првите клупи. “

Дискриминацијата сè уште постои, а на неа најосетливи се децата во училиштата. Деца кои седат на последните клупи се најчесто малцинството во еден клас. Најчесто се тоа слаби ученици, според проценка на учителот кој им предава. Ова не е порака со која сакам да осудам некого, туку еден мој став – дека учителот треба подобро да ја согледа ситуацијата и похумано и родителски да пристапи идентично кон сите деца, иако дел од родителите на некои деца во класот се негови/нејзини лични пријатели во приватниот живот или се побогати од некои други родители. Дискриминацијата да запре. Ако како корен таа постои уште од првите училишни денови, тогаш што би се случувало на факултетите?  Да ги изедначиме сите деца во класот. Да не дозволиме дискриминацијата да биде дел од воспитно – образовниот процес на едно дете. Сите деца се исти и под едно небо.

М – р Глигор Кондовски

Член на Медиа арт клуб

Тетово, 2013