Писмо од Бундестагот за ослободување новинар во Турција обвинет за тероризам

166 германски пратеници се потпишаа на писмо испратено до турската амбасада во Берлин со кое се бара итно ослободување на дописникот на германскиот дневен весник „Дие Велт“ во Анкара, Дениз Јуџел.

Јуџел е во притвор од 18 февруари, под обвинение „дека е член на терористичка организација и поради противзаконска употреба на податоци и терористичка пропаганда“. Весникот пренесе дека бил извршен и претрес во неговиот стан во врска со неговите новински написи за напади од хакери врз мејлот на турскиот Министер за енергетика.

Весникот додава и дека Јуџел сам се пријавил на распит во полициската служба во Истанбул.

Во писмото се бара обезбедување слободна работа на новинарите во турција, истакнувајќи го турско-германското пријателство.

„Интелектуалната дебата е најдобриот инструмент против тероризмот, што парадоксално е она за што тој е обвинет“, се наведува во писмото од пратениците на Бундестагот.

Пред неколку дена, германското Министерство за надворешни работи, побара случајот на Јуџел да биде разгледан согласно принципите на владеење на правото.

Турција жестоко се судри со дел од медиумите, по неуспешниот обид за пул во јули 2016 година, притворајќи и протерувајќи странски новинари од Њујорк Тајмс, Вол Стрит Журнал и од францускиот веб-сајт Ле Жур.