Пировска: Ако власта го штити бракот, зошто ја воведува вонбрачната заедница во Устав?

Власта сака да навлезе во сите односи и релации и да ја заштити единствено хетеросексуалната природа на односите, изјави денеска на јавната расправа организирана од собраниската Уставна комисија по повод предложените уставни измени, Уранија Пировска, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Пировска: Ако власта го штити бракот, зошто ја воведува вонбрачната заедница во Устав?

Според Пировска, во отсуство на опозицијата од парламентот не може да се говори дека постои демократска атмосфера за менување на највисокиот правен акт во државата – Уставот. Таа потсети дека првиот предлог  за амандманот 33, бил даден на 1-ви јули годинава и се однесувал само на дефинирање на бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена, но не и на вонбрачната заедница.

Фото: МИА

Фото: МИА

–          За вонбрачната заедница дознавме дури на 25 јули кога Владата го достави предлог -амандманот, откако претходно амандманот беше изгласан со двотретинско мнозинство. Гледам дека дел од пратениците се чувствуваат изманипулирани, но не станува само збор за пратениците туку и за граѓананите кои се изманипулирани.  Во образложението зошто се дефинира бракот во Уставот се вели дека тоа се прави за „да се зачува бракот како институција“, па ми се поставува логично прашање, ако вие сакате да го заштитите бракот како институција зошто ја воведувате вонбрачната заедница во Уставот?, прашува Пировска.

Пратеничката Лилјана Поповска од партијата ДОМ, најави дека доколку амандманот кој се однесува на дефинирањето на бракот и на вонбрачната заедница не претрпи измени таа ќе гласа против неговото донесување.

– Овој амандман претрпе измена од првиот предлог за менување на Уставот до сега. Во првата верзија беше дефиниран бракот како заедница меѓу еден маж и една жена. Го поддржав, зашто и за мене бракот е важна клетка на општеството. Не сметам дека бракот е загрозен, но имам разбирање за различните идеолошки определби меѓу нас како пратеници и желбата на демохристијанските колеги ова да го предложат. Кажав дека ова ќе биде прифатливо за најголем број наши сограѓани, освен за ЛГБТ луѓето, кои се малцинска група, како и во секое општество, и тие може да го сфатат како непризнавање на нивното постоење и реалност, рече Поповска.

Таа нагласи дека амандманот претрпел суштествена измена со додавањето на дефиницијата за вонбрачна заедница и партнерство, која исто така е дефинирана каква смее да биде.

– Со оваа додавка амандманот стана проблематичен и неприфатлив. Се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите? Не се само ЛГБТ-луѓето тие што ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница. Тоа може да биде и постар човек и дете, кои живеат со други луѓе, рече на расправата пратеничката Поповска.

Министерот за правда Аднан Јашари информираше дека текстот на Нацрт – амандманите е испратен до Венецијанската комисија и другите европски институции и очекува забелешките да бидат објавени на 10 октомври.

Предлагач на амандманите за измена на Уставот е Владата на Република Македонија. Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година.