„Пипалата на италијанската мафија во Словачка стигаат се до политиката“ – последната сторија на убиениот новинар

Новинарското истражување со наслов „Италијанската мафија во Словачка, нејзините пипала стигаат се до политиката“, точно на полноќ го објавија повеќе медиуми.

Така гласи последната, недовршена новинарска сторија на Јан Кучиак, младиот новинар од Словачка која заедно со неговата свршеница беа убиени во нивниот дом во неделата.

Нападот, за кој полицијата вели дека ги има сите белези на нарачано убиство, предизвика вознемиреност во земјата во чија историја ова е прво убиство на новинар.

Последната сторија на Кучиак, објавена постхумно, наведува поврзаност помеѓу италијанската мафија и личности блиски до словачкиот премиер Роберт Фико. Текстот е објавен заедно со мала фотографија од авторот, додека негова поголема црно-бела слика потпрена на ѕид со запалени свеќи наоколу се наоѓа на врвот на страницата.

Кучиак тврди дека италијански бизнисмен со врски со озлогласената калабриска криминална група Ндрангета бил сместен бо источна Словачка и со години злоупотребувал фондови на Европската Унија за овој релативно сиромашен регион на границата со Украина.

Тој наведува дека овие луѓе развиле бизнис врски со високи функционери, помеѓу нив и луѓе блиски до премиерот – како досегашната главна советничка за внатрешни работи, Мариа Трошкова и секретарот на националниот совет за безбедност, Вилиам Јасан.

Шемата на поврзаноста на италијанската мафија со државниот врв во Словачка објавена во истражувачката сторија на Кучиак

Двајцата во заедничко соопштение изјавиле дека ќе се повлечат од нивните функции додека случајот не е целосно истражен, додавајќи дека „обидите од некои политичари и медиуми да се поврзат нивните имиња со овие одвратни криминални дејствија“ се неприфатливи. Тие посочиле дека се повлекуваат од функциите за нивните имиња да не бидат искористени во политичката војна против премиерот Фико.

Министерот за култура, Марек Мадарич, претходно поднесе отказ, потенцирајќи дека тоа било единствена опција како министер после убиствата.

Кабинетот на премиерот не одговориле на прашањата на ББЦ, но на вчерашната пресконференција, зборувајќи пред маса на која биле поставени милион евра во кеш – владината награда за информации за убиството, Фико одлучно изјавил:

„Немојте да поврзувате невини луѓе без никаков доказ за двојно убиство. Тоа ја преминува границата. Повеќе не е смешно“, рекол Фико, обвинувајќи ја опозицијата и медиумите за користењето на трагедијата за нивен интерес.