Петицијата за основање Полиција за животни во Македонија се ближи до 10 000 потписи

По безмалку шест години откако е поднесена на интернет, петицијата за основање полиција за животни во Македонија се ближи до посакуваната бројка од 10 000 потписи.

Уште во август 2010 година, група граѓани и активисти за правата на животните ја покренаа петицијата, со која се бара основање на државен орган, по примерот на развиените земји, кој би се занимавал со заштита на правата на животните. Покрај ова, се бара државата да ги заостри критериумите за набавка на отрови во земјоделските аптеки.

„Мисијата на полицијата за животни би била обезбедување и осигурување на здравствени услови, безбедност и благосостојба на луѓето и животните во нашата заедница. Мисијата ќе се оствари преку соработка со нашите граѓан/и-ки и други организации за заштита и благосостојба на животните, преку спроведување на сите законски одредби, имплеметирање на образовна програма на одредени целни групи од популацијата (деца, млади, возрасни граѓан/и-ки), преку хумано згрижување на животните, обезбедување храна за истите и овозможување на сигурно, безбедно опкружување за престој на отфрлените, злоставуваните и напуштените животни. “ANIMAL POLICE” истотака треба да ја спроведува кампањата за подигање на свеста на јавноста и граѓаните за одговорноста на власниците на домашни миленици, бескомпромисно и детално да ги истражува, решава и спречува сите случаи на злосторство над животните“, се вели во текстот на петицијата, на која и недостасуваат уште само 150-на потписи за да стигне до целта.