Петиција „Стоп за паркирање на тротоар“ – граѓани бараат ослободување на јавниот простор

Паркирањето на коли на тротоар е незаконско.  Со паркирање на тротоар се загрозува безбедноста на пешаците, пред се на најранливите групи како ученици, лица со посебни потреби, мајки со деца во количка, велосипедисти и повозрасни граѓани, се вели во петицијата „Стоп за паркирање на тротоари“ на иницијативата Мегафон.

Оваа петиција досега ја потпишаа над 860 граѓани. Иницијативата ги повикува МВР и општинските власти да излезат од канцелариите и да се справат со овој проблем.

„Ослободете ги тротоарите за пешаците!“, стои во петицијата.

Инаку, во главниот град сообраќајот е втор најголем причинител за загадувањето (20%), пред загревањето од домаќинствата (32%, според неодамнешно истражувањето во склоп на Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за Скопскиот регион).

Но, иако скопјани учат да дишат на жабри, а Скопје секоја година се повеќе ги руши рекордите во загаденост, сепак, еколошкиот и одржлив транспорт бавно се качува скала погоре кон врвот на приоритетите. Освен 400-500 автобуси, кои треба да опслужуваат околу 140-150.000 граѓани дневно, Скопје нема друга јавна транспортна алтернатива. Со проширени улици и неуредена пешачка и велосипедска структура, градот опстојува како монопол за моторизираните возила.

Скопје функционира како еден огромен паркинг што се шири, го „јаде“ и окупира слободниот јавен простор и тротоарите. Се проценува дека градот примарно е проектиран за 250-300.000 луѓе, а сега има околу 600-700.000 жители со свои потреби за движење и транспорт. По донесувањето на мерките за увоз на половни автомобили во 2010 година, пристигнаа 50.000, а во 2009 само 3.000 стари возила. Неофицијално, бројките на регистрирани автомобили во државата се 400.000. Една третина се во Скопје.