Перформанс „Ом Царе, Царе“ на групата Кунстверкштат

Групата Кунстверкштат во рамките на Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум организира театарски перформанс „Ом Царе, Царе“, во вторник (26 мај) во Салон 19-19 со почеток во 20 часот.

„На наше големо задоволство е да ве повикаме да ни се приклучите на премиерата на новиот перформанс „Ом Царе, Царе“ кој го прикажува светот на еден цар што ја поделил земјата на две и сега владее. Царот е при себе. Ние сме глупи. Царот е паметен. Царот ги прочитал сите книги на светот, а некои и ги напишал. Ама царот не го прочитал нашето сценарио, да знае што му се спрема“, велат од групата.

Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот. Започна како идеја на двајца, а прерасна во друштво. Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и досега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам „Engage”, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“ како и самостојните изведби на своите перформанси.

Влезот за театарскиот перформанс е бесплатен, но поради капацитетот на седишта во Салонот 19-19 потребно е заинтересираните да се регистрираат на следниот линк, а билетот ќе може да се подигне најдоцна до 19:50 пред влезот на салата.