Пензионери ќе предаваат руски на странски студенти преку Скајп

Студенти од целиот свет кои учат руски имаат можност да ги подобрат своите познавања на јазикот преку интернет разговори со пензионери во Москва.

Новиот проект „Лингвалинк на Генерации“ има цел да ја намали осаменоста меѓу старите лица од рускиот главен град преку Скајп видео повици.

„Нашите пензионери живееле долг и инересен живот за кој можат да зборуваат и да ја споделуваат својата мудрост. На овој начин може да се надомести нивниот недостиг од секојдневни социјални интеракции. Благодарение на нив, странски студенти можат не само да ги усовршат своите јазични способности, туку и да научат повеќе за нашата култура, историја и начин на размислување“, изјавила една од основачите на проектот Светлана Пашинцева, пренесува ББЦ.

Студентите од Високата школа за економија дошле до идејата како дел од натпревар за социјално важни проекти, а биле инспирирани од слична иницијатива во Бразил во 2011 година.

Досега 15 студенти од странство се пријавиле да бидат споени со постари корисници на Скајп, а организаторите се надеваат дека овој број ќе биде удвоен до крајот на годината.

Татјана Прусова, од организацијата „Постара Генерација“, смета дека голем број на пензионери  исто така ќе бидат расположени да учествуваат.

„Многу луѓе сфаќаат дека староста не е крајот на животот. Тие комуницираат, патуваат, учат нешто ново, а можеби би сакале да ги подобрат и сопствените познавања на странски јазици“, вели таа.