Пелистер не е Широк сокак – потценувањето на планината може да биде кобно

Пелистер не е Широк сокак - потценувањето на планината може да биде кобноСамо пред неколку месеци по трагичното загинување на 30-годишниот маунтбајкер и параглајдерист, битолчанецот Петар Костадиновски на Пелистер, Горската служба за спасување на Битола упати сериозно предупредување до сите вљубеници во планинарењето и љубителите на планината, особено до рекреативците.

„Пелистер не е Широк сокак“ беше главната поента, при што беше истакнато дека оваа планина е непредвидлива и дека на неа во едно деноноќие некогаш се менуваат дури четири годишни времиња. Но, за жал, изгледа ваквото предупредување не стигна до сите вљубеници на планината што сакаат да планинарат на Пелистер, пишува Нова Македонија.

Во непредвидливоста на Пелистер деновиве се уверија и шест млади битолчани, на возраст од 16 до 20 години, кои благодарение на брзата интервенција на Горската служба за спасување и на Центарот за управување со кризи на Битола, со хеликоптер беа спасени и извлечени од планината.

Откако по десетина дена проследени со магла и загаден воздух Битола конечно ја огреа сонце, шест млади битолчани, од кои највозрасниот со нецели 20 години, одлучиле да ги наполнат градите со свеж воздух на Пелистер. Сметајќи дека, како и во Битола така и на Пелистер, времето е топло и сончево, групата млади битолчани, од кои некои со мало искуство со искачување, одлучиле да се искачат од кај селото Ниже Поле преку месноста Орлови Бари, која важи за една од полесните патеки за искачување на врвот на Пелистер, кај Мало и Големо Езеро.

Тие на Пелистер тргнле облечени во лесна облека, а иако на почетокот од нивното искачување ги следело сончево и убаво време кога стигнале до Мало Езеро, каде што се наоѓа и планинарскиот дом, времето одеднаш се сменило и почнал да дува студен ветер. Младите авантуристи одлучиле да се вратат назад, но штом тргнале назад поради лизгавиот и смрзнат терен, двајца од шестемина во групата се лизнале и почнале да се тркалаат кон бездната. Oстанатите четворица во паника и исплашени за својата сигурност по мобилен телефон бараат помош од битолската полиција.

„Среќа во несреќа е што и покрај стравот и стресот што го доживеа младите битолчани, тие брзо се јавија в полиција и што подоцна сите добро функциониравме, а и хеликоптерот стигна навреме. Во спротивно, не знам како сѐ ќе се завршеше“ вели Димче Јошевски од Центарот за кризи.

Глагодарение на хеликоптерот од Дирекцијата за спасување, храбрењето по мобилен телефон од страна на Горската служба,  но и брзото пристигнување на синот на Димитар Илиевски-Мурато, Благојче, кој тој ден бил дежурен на антенскиот столб,  младите битолчани се спасени.

Сепак токму овој настан е повод уште еднаш да се упати предупредување дека Пелистер не е Широк сокак и дека оваа планина е крајно непредвидлива.

„Пелистер иако е мала, сепак е мошне сурова планина, која честопати знае да биде непредвидлива. Затоа човек што не го познава добро теренот не треба воопшто да ризикува да се искачува, особено не на врвот, бидејќи може да се најде во навистина непредвидливи и непријатни ситуации, кои можат да имаат и трагичен крај. Поради таквата непредвидливост, без добра опрема и водичи што се обучени за искачување, воопшто не треба да се тргнува нагоре“советуваат од планинарското друштво „Пелистер“.

Целата сторија може да ја прочитате во Нова Македонија.