Пелетите како енергенс се штетна еколошка политика, тврди нова студија

Користењето дрвени пелети за генерирање енергија со ниска емисија на јаглероден диоксид е погрешна политика, која го забрзува – наместо да го забави климатското затоплување. Ова го покажува нова студија која тврди дека дрвото не е јаглеродно неутрално гориво и емисиите од пелети се повисоки од оние на јаглен.

Авторот на студијата вели дека треба итно да се преиспитаат субвенциите за биомаса во период кога енергијата на дрва стана важен дел од обновливите енергетски извори во многу светски земји, пренесува ББЦ.

Иако генералната дискусија е фокусирана на соларна и ветерна енергија, најголемиот извор на обновлива енергија во Европа е биомасата. Таа сочинува околу 65% од обновливата енергија – вообичаено се работи за електрична енергија генерирана преку согорување на дрвени пелети.

Владите во Европската Унија, под притисок да ги намалат јаглеродните емисии, ги охрабруваа произведувачите на електрична енергија да користат повеќе од овој вид енергија, преку значителни субвенции за горење на биомаса.

Сепак, новата проценка од Чатам Хаус, сугерира дека оваа политика е многу погрешна кога се работи за намалување на јаглеродниот диоскид.

Според авторот, сегашните регулации, воопшто не ги вбројуваат емисиите од согорување дрво, претпоставувајќи дека тие се балансираат со садење нови дрва.

Данкан Брак, независен аналитичар на еколошки политики, кој ја изготви студијата, вели дека таа идеја не е кредибилна.

„Нема смисла. Фактот дека шумите растеле претходниве 20 или 100 години значи дека складирале големи количини на јаглерод. Не може да се преправате дека нема да има влијание на атмосферата ако ги исечете и ако ги запалите“, вели Брак, кој истовремено е и поранешен специјален советник на Секторот за енергија и климатски промени на Велика Британија.

„Можете да ги фиксирате во дрвени продукти или во мебел, или може да ги запалите, но влијанието врз климата е различно“, додава тој.

Брак објаснува дека претпоставката за јаглеродна неутралност не вклучува некои клучни прашања, како фактот дека младите дрва кои се садат како замена абсорбираат и складираат помалку јаглерод од оние кои се горат.

Друг голем проблем е дека според климатските правила на Обединетите Нации, емисиите од дрва се сметаат само кога тие се сечат. Сепак САД, Канада и Русија не го користат овој метод на пресметка, па доколку дрвените пелети се увезуваат од овие земји во Европската Унија, кои не ги сметаат емисиите од согорување, јаглеродот едноставно „исчезнува“ во пресметките.

Авторот на студијата тврди дека согорувањето дрвени пелети може да ослободи повеќе јаглерод отколку фосилните горива – како јагленот – на единица енергија во текот на животниот циклус. Често продуктите треба да поминат долги растојанија, зголемувајќи ги емисиите поврзани со производството и транспортот.

„Оваа студија потврдува уште еднаш дека сечењето дрва и нивното горење како дрвени пелети во електричните централи не е решение, туку катастрофа за климатската политика. Шумите во нашиот регион, југоистокот на САД, целосно се сечат за изработка на дрвени пелети за британските електрични централи. Процесот го зема целиот јаглерод складиран во шумите и го става директно во атмосферата преку чад во време кога намалување на загадувањето со јаглерод е неопходно“, вели Дејвид Кар генерален советник на Јужниот еколошки правен центар во САД.

Во Европа, побарувачката на пелети поттикнува шумската индустрија да сади и да сече се повеќе дрва. Еколозите се загрижени дека системот создава циклус кој не може да се одржи.

„Ако продолжи зголемувањето на сечата во одреден временски период нема никогаш да може да се надоместат емисиите од согорувањето, нема никогаш да се стигнете себеси. Тоа е како да си пукаат во сопствената нога, не земаат во предвид дека зголемената сеча ќе влијае на улогата на шумите како абсорбент на јаглерод“, смета Линде Зуидема од Ферн, невладина организација за шуми на ниво на ЕУ.

Европската Унија предложи нов систем за биомаса по ревизијата на Директива за обвновлива енергија. Данкан Брак вели дека тоа е добра можност да се разгледаат сегашните методи за субвенционирање на користењето на енергија од дрва низ Европа. Користењето на отпадот од пиланите треба да се охрабри, но согорувањето пелети треба да се намали.

„Повеќе би сакал да видам поддршка за шумската индустрија, не за шумска енергија“, посочува Брак.