Пекиншката академија за танц со претставата „Фен Мо“ гостува во Велес и Скопје

Танц Фест Скопје соопшти дека 2018 година ја прогласуваат за „Година на танцот“,  а сезоната ја започнуваат овој месец со гостување на претставата „Фен Мо“ во изведба на танцовата компанија на Пекиншката академија за танц. Претставата ќе има две изведби, на 22 јануари, на сцената на Народниот театар во Велес, а на 24 јануари во Македонскиот народен театар во Скопје.

Претставата „Фен Мо“ е инспирирана од поговорката од книгата „Записи за сликарството од сите династии” од Јан Јуан Занг од Танг династијата (618-907), која гласи вака: „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“ . Кореографот низ движењата на танчерите пробува да ја оживее уникатната естетска форма на кинеското сликарство. Начинот на кој што мастилото се соединува со оризовата хартија, а воедно и неговото разградување во различни нијанси на светло и темно, мокро или суво, пригушено и интензивно, е ист со движењето на телото на танчерот: вдишувањето и издишувањето, во движење или мирно, брзо или споро, качувајќи се или паѓајќи.

Во кореографијата се користат традиционални кинески елементи како „здив“, „штаки“, „коса“, „ракави“, „меч“, „лепеза“, „чадор“ и „фустан“ за да се пренесат чувства на пријателство, тага, огорченост, навреденост, извонредност, опуштеност и љубов во кинескиот спиритуален свет, во кои е содржана есенцијата на кинеската класичност. Претставата се состои од пет слики, во неа учествуваат триесет и пет танчери, а продукцијата е на Пекиншката академија за танц, која е најгоемата кинеска академија за танц, која ја посетуваат преку две и пол илјади студенти.

Танц Фест Скопје ќе има претстави и настани низ целата година, со цел да го промовира современиот танц како една од примарните уметности на 21 век. Програмата ја одбележуваат гостувања на извонредни претстави од странство, домашни продукции, работилници за современ танц, како и дебати и конференции. Акцентот на случувањата ќе биде во месец април, кога фестивалот ќе презентира претстави од Франција, Словенија, Швајцарија, Латвија, Литванија, Словачка, Полска, Унгарија, Австрија, Чешка, Хрватска, Македонија во период од дваест и пет дена, без прекин, во три градови – Скопје, Велес и Штип.