[Патепис] Пет дена во Минск, или како научив да ја сакам Македонија повеќе

Кога дознав дека ќе патувам во Белорусија, првото нешто што ме замисли е дека не знам ништо за неа, освен нејзината географска местоположба и историјата со Советскиот сојуз. Никогаш не сум комуницирала со луѓе оттаму, особено млади, за да знам каква е реалната слика за нивната земја, неизвалкана од пропаганда и необјективни медиуми. Токму затоа моите пет дена во Белорусија беа вистинско доживување и културен шок.

Сè започнува од авионот. На влез те пречекува стјуардеса со послужавник полн бонбони – како кога ќе влезеш во домот на некоја далечна тетка за прв пат. Потоа, ти доделуваат миграциона карта, документ во кој треба да ги запишеш своите податоци, потврдувајќи дека немаш досие или планови за криминални дејства за време на твојот престој во Белорусија. Кога сите странски патници го пополниле документот – авионот може да полета.

Списанија во авионот на „Белавиа“

Списанијата во авионот не се обични магазини кои може да ги најдете на секој лет. Место дебело четиво полно со реклами и предлози каде да одите додека престојувате во избраната дестинација, ќе ги најдете списанијата „Сојузно стопанство“ и „Милиција“. Во првиот ќе прочитате сè за благосостојбата и економската моќ на Белорусија (секако, на насловната насмеани се ракуваат старите другари Лукашенко и Путин), а во вториот колку е таа земја безбедна и има силна полиција, па не треба да се грижите за вашата безбедност додека сте таму.

Откако авионот слета, првото нешто што ми ги зашемети сетилата беше студот – 6 степени на крајот од април. Од Скопје ме испрати сонце и 24 степени Целзиусови, па минскиот ветер беше поинакво добредојде. Добредојде ми посакаа и полицајците на гранична контрола, кои иако имаа скенери за биометриски пасоши, за секој случај ја прегледаа секоја страна од мојата патна исправа со лупа.

„Ви-фи“ има насекаде, но за да се конектираш, треба да го напишеш својот телефонски број и да добиеш дозвола од националниот мобилен оператор дека можеш да ја користиш мрежата. Белорусите се горди на нивната комплетна покриеност со интернет, што за мене беше многу иронично. На никој не му функционираше роамингот таму. Поинаку кажано, „Еј мамо, стигнав, се сместив, добра сум“ беше невозможна мисија.

Второто нешто кое зашеметува е изгледот на сé околу вас. Сè дише со некој социјалистички дух: огромни, бетонски згради, пространи и чисти улици, ред во сообраќајот, но и недостаток од секаков диверзитет. Иако доста се труделе да ги покријат и сокријат сите петокраки и чекани, Белорусите сè уште се во „матриксот“. Сè е толку еднобојно, чисто и корисно, но без никаква уметничка убавина. Луѓето се облечени пристојно, во бои кои никогаш не отскокнуваат. Нема тетоважи, нема суканици и „четки“, нема пирсови, шалвари и искинати фармерки.

Нема ни графички дизајн. Изгледот на списанијата и на знамињата кои се вееја по повод Први мај (да, сé уште ги има воените паради и банери) е како во првото списание кое го читав – „Росица“. Како да е направено со исечоци од весници и самолеплива хартија.

Сеќавање на Денот на ослободувањето, 9 мај

Банери за Први мај имаше насекаде

Парите се сè уште „милијарди“. Добро, не милијарди, ама милиони. Со околу 45 евра, добиваш повеќе од еден милион белоруски рубљи. Стандардот е речиси ист како кај нас, но цените се многу збунувачки за туристите. Еден оброк во ресторан ќе ве чини околу 200000 рубљи. Ако некогаш сте сакале да држите милион во рака, можете тоа да го направите во Белорусија, барем до јули, кога следува деноминација на рубљата.

Најскапиот алкохолен пијалак – 1656700 рубљи

Нашата сметка во пивница

Моите домаќини беа млади, и низ разговор со нив сфатив дека се жедни за промена. Ги иритираат чудните правила: не смееш да слушаш музика на слушалки во јавност, не смееш да фотографираш во метрото. Дури и на отворено, се пуши само внатре во пушачката зона: квадрат нацртан со боја на подот.

Младите со кои разговарав ги иритира и неможноста да патуваат слободно во било која земја, освен од поранешниот Советски сојуз. Слобода, иако не е мое да судам, мислам дека нема, во ниеден облик. Ниту на печат, ниту на изразување. Дури и кога прашав на глас во автобус колку години е веќе Лукашенко на власт, ми рекоа да бидам тивка кога го споменувам неговото име во јавност. Како Лорд Волдеморт. Се плашат дека можеби ќе се појави некој и ќе ги испрати во Сибир, веројатно.

Прашав и дали имаат протести. Рекоа – да, но секогаш се дваесетмина и никој не знае каде се сега. Уште еден „reality check“, со оглед на тоа дека од Македонија заминав сред најгласната и најшарена револуција. Се навикнав на слобода и ослободеност од стравот да кажеш што сакаш и да не очекуваш последица за тоа.

Пушачка зона

Уште една работа која секогаш ми текнува кога патувам на север од Македонија, е дека на луѓето очајно им треба реформа во кујната. Нема зачини, нема зеленчук, нема љубов во процесот на готвење. Храната, барем за мене, има ритуална вредност и не е само збир од калории кои ќе ме одржат активна во денот. Во Белорусија тоа не го најдов, храната беше блуткава, студена и незачинета.

Капитализам vs. социјализам

Уште едно големо изненадување беше што имаат многу малку интернационални брендови. Ретко во која продавница можеш да најдеш Милка, Амстел или Хајнекен, а повеќето луѓе не ни знаат што е Нескафе. Можеби затоа што повеќе пијат црн чај, но можеби и затоа што ретко каде го има.

Во петок навечер улиците беа празни, а повеќето од локалите затворени од 11 часот. Ми рекоа дека има многу добри клубови, но не можам да влезам таму бидејќи немам фустан и високи потпетици.

За да не зборувам само лошо за Белорусија и Минск, мора да додадам дека си поминав одлично. Целото искуство беше навистина уникатно и ми ги отвори очите за некои нешта. На пример, дека иако кај нас не цветаат рози, секогаш може полошо. Освен тоа, во Минск имаат двосмерни патеки за велосипедисти насекаде. Е, тоа е нешто што во Скопје ни недостига, а го има во Минск. Сигурна сум дека жителите имаат многу бенефиции, како бесплатно образование, здравство и гас, но јас како турист немав време да ги почувствувам.

Луѓето се навистина љубезни и дружељубиви. Англиски знаат само помладите, а и не предобро, бидејќи на училиште трет  јазик, после белоруски и руски, е кинескиот. Но, и покрај јазичната бариера (повеќе се разбиравме на македонско-руско-белоруски), секогаш се насмеани и подготвени да ве угостат и да ви помогнат.

Градот е грандиозен, организиран и чист, толку многу што мене почна да ми недостига скопскиот хаос, нервозното свирење на семафорите и буткањето на влез во 5-ка. Кога ќе размислам подобро, на крај излегува дека непознатото плаши, но и лошото од она што го познаваме во туѓина излегува дека е добро. Она што мене ме плашеше во Минск беше недостатокот од избор и слобода. Најголем страв ми е да ја изгубам индивидуалноста и можноста да избирам, а таму тоа ми беше одземено. Македонија не е сјајна земја и ѝ  треба уште многу за да може да се нарече демократија, но во последниве две години се оддалечивме многу од белорускиот „матрикс“ и едноумие, и на тоа сум горда.

На крај, кога ја видов таблата „Добредојдовте во Република Македонија“, место вообичаеното чувство на жалење и желба да се вратам назад, се чувствував спокојно. Се чувствував дома, назад во 2016 година.

Стефанија Тенекеџиева