Партиските подмладоци пасивни околу младинските проблеми

Партиските подмладоци пасивни околу младинските проблемиМладите сили во партиите кои се сконцентрирани во подмладоците, повеќе се занимаваат со партиските активности и проблеми отколку со оние на младите. Ова е заклучокот кој може да се донесе, ако се погледнат одговорите на прашањата кои Радио МОФ ги постави до повеќето претседатели на партиските подмладоци.

Иако младите партиски лидери јасно ги идентификуваат најголемите проблеми на младите кои се провлекуваат со години, како што се невработеноста, партиските и селективни вработувања, одливот на мозоци или пак немањето закон за млади, тие скоро и да не посочуваат активности кои се насочени кон нивно решавање. Повеќето партиски подмладоци се сконцентрирани на организирање семинари или пак учество во активности диригирани од матичните партии.

На прашањето, кои се најголемите постигнувања на подмладокот на вашата партија за 2012 година, претседателката на подмладокот на ДОМ, Симона Сарделиќ го издвојува Денот на дрвото и организација на семинари за „зелените теми“, додека пак лидерот на подмладокот на ДУИ, Беким Мемети како позначајни постигнувања ги издвојува културните манифестации за денот на Албанската државност и одбележувањето на денот на паднатите борци на УЧК.

Претседателот на младината на Демократскиот сојуз, Даниел Ефтимов вели дека тие во 2012-та целосно се посветиле на подготвувањето за локалните избори, додека неговиот колега од СДСМ, Дарко Давитковски за најголемо постигнување го издвојува признанието од подмладоците на европските партии како најактивни младина на Балканот, заради меѓународните конференции кои ги организирале.

Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО – Народна партија како поголемо постигнување ја посочува иницијативата за членување во организацијата на Европски Народни партии.

Лидерите на младите сили во ВМРО-ДПМНЕ, Диме Спасов и во ДПА, Валон Изаири и покрај тоа што беа контактирани пред повеќе од две недели заедно со останатите партиски подмладоци , се уште го немаат исполнето ветувањето дека ќе одговорат на нашите прашања.

Кристина Озимец