Парламентот на Србија расправа за легализација на истополови бракови

Србија, земјата во која ЛГБТ луѓето не можат ниту еднаш годишно, без кордони на полицијата, ни да прошетаат низ улиците на Белград, во која тие се постојано на мета на напади и дискриминација, е многу далеку не само од можноста за истополови бракови, туку и од еднакви права на хомосексуалните и хетеросексуалните парови, пишува Радио Слободна Европа во анализата на состојбата со ЛГБТ-правата во Србија.

Откако во српскиот Парламент беше поднесена иницијатива за легализација на истополовите бракови, претставниците на десничарската власт порачуваат дека „традиционалното српско општество“ за тоа не е зрело. Овој, веќе вообичаен „аргумент“ се појавува при секое прашање кое се однесува на елементарните права на ЛГБТ луѓето.

Парламентот на Србија расправа за легализација на истополови бракови

Иницијативата за гарантирање на слободата и правото на склучување брак на сите полнолетни граѓани, без оглед на полот, до Парламентот на Србија ја поднесе претседателот на партијата Зелените на Србија, Иван Кариќ, потсетувајќи дека ова право е во согласност со Европската конвенција за човекови  права.

Но, шефот на пратеничката група на владејачката Напредна странка на Србија Зоран Бабиќ вели дека на ова прашање би морала да му претходи сериозна општествена дебата.

„Ние сме традиционално општество кое на таквите работи не гледа баш благонаклонето. Мислам дека ова бара една, онака, пообемна дебата и не може да се ‘пресече преку колено’, затоа што мораме да размислуваме и најмногу размилуваме за мислењето на нашите граѓани“, вели Бабиќ.

РСЕ: Но, тие граѓани се и луѓето од различна сексуална ориентација…

Бабиќ: Вистина, вистина… Но, јас мислам дека ние мораме во овој момент уште повеќе да работиме на тоа дека различностите, па и во сексуалната ориентација, се нешто против што не треба да има каква било осуда и тие луше да се чувствуваат безбедно кога излегуваат на улица. Што се однесува на истополовите бракови, мислам дека е неопходно да се развие една дебата во нашето општество и тогаш да дојдеме до најдоброто решение.

Иако ќе се сложи со тоа дека поголемиот број граѓани се уште не се спремни за ова, Предраг Аздејковиќ од Геј и лезбејскиот инфо центар нагласува дека овој аргумент секогаш се потегнува како оправдување за задржување на статус кво-ситуацијата.

„Секогаш постои оној момент – ние не сакаме нешто да направиме и најдовме аргумент како тоа да го оправдаме, секогаш фаќајќи се за традиционалните вредности“, вели Аздејковиќ.

Парламентот на Србија расправа за легализација на истополови бракови

На хомофобичната атмосфера во општеството и на кратењето на правата на сексуалните малцинства, освен државата, која често паѓа на тестовите на нивната заштита, придонесува токму односот на политичките, односно верските претставници, а повикувањето на на традиционалното српско општество можеше да се слушни и кога повеќепати беше забранувана Парадата на гордоста во Белград, наспроти правото на сите граѓани на слободно собирање, загарантирано со Уставот на Србија.

„Во уставните демократии, определбата на мнозинството во општеството никогаш не може да се толкува така што врз основа на оваа определба, се ускратуваат правата и слободите на малцинските заедници, какви и да се тие“, објаснува Саша Гајин од Центарот за унапредување на правните студии, кој воедно е и еден од претставниците на граѓанскиот сектор кои своевремено направиле модел на закон кој ги уредува прашањата на регистрирањето истополови заедници.

„Секако, нашата законодавна и извршна власт е секогаш подготвена за одложувања и извинувања кои ги поткрепува со аргументи кои се однесуваат и на моралните сфаќања на мнозинското општество и на тоа дека ваков вид на истополови партнерства не би можеле да уживаат благонаклонет однос од страна на граѓаните. Секако, се работи за аргументи кои добро познати од споребеното искуство, бидејќи се користени во многу земји“, вели Гајиќ.

sr-lg-5

Ова е патот низ кој, до легализацијата на истополовите бракови, минуваат сите демократски земји, но Србија нема направено ниту мало поместување кон првиот чекор. Додека прашањето за истолови бракови би барало промена на Уставот, затоа што во највисокиот правен акт бракот е дефиниран само како унија на маж и жена, за вонбрачна заедница е доволна само политичка волја и измена на законот со кој на ЛГБТ луѓето им се ускратени бројни права.

„Тоа пред се е наследување и воопшто дефинирање на заедничкиот имот без илјада документи, наследување на пензиите, па имаме уште и издржување по разводот или прекинувањето на таква заедница, посета во болница и одлучување за лечење на парнерот ако тој не е способен за тоа. Во смртните случаи, не можете да го преземете телото на вашиот партнер, затоа што вие нему сте му никој и ништо“, вели Предраг Аздејковиќ.

Иако неуважувањето на овие права е еден од еклатантните примери на дискриминација по основа на сексуална определба, тие им се укинати на истополовите парови во Србија, вели Саша Гајин.

Затоа, минатата година, еден белграѓанец се појави пред матичар со својот партнер од Хрватска во Загреб, каде е усвоен Законот за животно партнерство. Малку е веројатно дека во Белград во скоро време ќе има власт која, како градоначалникот на Љубљана на неодамнешната Парада на гордоста, ќе порача дека едвај чека да го регистрира првиот истополов пар.

Парламентот на Србија расправа за легализација на истополови бракови

„Останува оној горчлив вкус кој секогаш се чувствува кога нашите функционери започнуваат со приказните дека Србија е вистинска демократија“, вели Гајин.

Прашањето на израмнувањето на правата на хетеросексуалните и геј паровите е прашање на примена на демократијата, а правата и слободите на малцинските заедници не можат да зависат од волјата на оние кои му припаѓаат на мнозинството. Токму на овој аргумент е заснована и неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД, кој ги легализира истополовите бракови во сите американски сојузни држави.

Покрај во САД, истополовите бракови се легализирани во вкупно 20 држави – Холандија, Белгија, Шпанија, Франција, Луксембург, Португалија, во скандинавските земји, Ирска, Канада, Исланд, Јужноафриканската Република, Аргентина, Бразил, Уругвај и на Нов Зеланд.