Париз ги отстранува љубовните катанци

Властите во Париз официјално започнаа со отстранување на катанците кои досега вљубените парови ги прикачуваа за еден од мостовите на францускиот главен град.

Поставувањето на овие „љубовни катанци“ на Мостот на уметноста и фрлањето на клучот во реката Сена прерасна во туристичка традиција во последниве години. Но, дел од оградата на мостот се урна поради тежината минатата година.

Речиси еден милион катанци, со тежина од 45 тони целосно ќе бидат отстранети во наредните неколку дена. Работниците утрово започнаа со отстранување на решетките од страната на Мостот на уметноста и мостот во близина на катедралата Нотр Дам.

Металните решетки од страната на Мостот на уметноста, кој датира од 1804 година, ќе бидат заменети со панели насликани од улични уметници во текот на летото.

„Ова е крајот на катанците“, изјави заменик-градоначалникот на Париз Бруно Жулиар.

„Тие ја расипаа естетиката на мостот, тие се структурно лоши за него и можат да предизвикаат несреќи“, додаде тој.

Градската кампања за луѓето да се сликаат пред мостот, а да не се прикачуваат катанци не беше успешна.

Венеција исто така, се бори со тоа да ги одврати туристите од прикачување катанци на мостот Риалто, додека во Њујорк, локални бравари започнаа кампања за остранување на катанците од Бруклинскиот мост.