Отворено писмо од наставници во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ Битолa: Овој штрајк е за сите нас

Наставниците од средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола преку отворено писмо се обратија до своите колеги од сите основни и средни училишта во државата, до учениците и нивните родители, до сите членови на СОНК кои штрајкуваат и до оние кои заради притисоци и закани не штрајкуваат.

Во него, тие велат дека веќе четврти ден трае штрајкот на СОНК со кој се бара начин за враќање на достоинството на просветниот работник згазено со експериментите на МОН –  екстерното тестирање во основното и средното образование и државниот испит во високото образование, базирани на бинго-систем за проверка на знаењето.

– Сите знаеме дека целта на овие експерименти не е наставникот да се оцени, туку да се покори и контролира. Со овие експерименти не се реално оценети ниту учениците ниту студентите, а уште помалку нивните професори.

Со екстерното тестирање бесрамно се плука на континуираното следење на ученикот и неговото залагање во образовниот процес, што претставува основа за реално оценување. Оценувањето на учениците не е ливче од обложувалница преку кое се проверува среќата.

Оттаму и нашето длабоко убедување дека покрај сите останати наши барања, екстерното тестирање и последиците од него се сами по себе доволни да бидеме единствени во остварувањето на нашите права. Да се биде наставник не значи само да се говори теорија, туку со личен пример да се докаже како се мисли со своја глава.

Колеги, кои длабоко во себе знаете дека во образованието многу работи лошо функционираат, сте давале иницијативи за промени и сте барале наши потписи за поддршка, дали денес исправени и горди одите на часови? Дали ќе ги гледате в очи вашите ученици и ќе имате одговор доколку ве прашаат: „Зошто некои штрајкуваат, а вие не? Дали вие  сте за екстерно тестирање? Дали вие реално не нè оценувате, па треба некој да ве провери дали таа оценка е реалната? Дали вам ви ги укинаа казните за кои баравте поддршка од вашите колеги? Дали ви ја зголемија платата, па се одделивте од колегите кои штрајкуваат? Со кое лице утре повторно ќе побарате поддршка од вашите колеги кои едногласно ве поддржувале за истите барања, кои сега штрајкуваат, а вие им завртивте грб?“

Историјата памети дека наставниците секогаш биле авангардата и имале храброст простум и со исправени глави да застанат пред стрелачкиот вод, еден до друг со своите ученици и своите колеги. Затоа, никакви притисоци не може и не треба да бидат оправдување за ничија, па ниту за вашата покорност. Токму затоа, ова писмо не е со цел да нè подели на ваши и наши, добри и лоши, ова писмо е да нè здружи заедно да се избориме за враќање на нашето достоинство и подобрување на условите за создавање здрави идни генерации. На ученикот му е потребен наставник-пријател кој со широка насмевка и разбирање го образува и воспитува. Денес наставникот е далеку од насмеан, весел и среќен. Денес наставникот е под постојан притисок. Образовниот процес стана товар, а не задоволство. Во него е важна само формата, но не и содржината.

Во оваа пригода се обраќаме и до нашите поранешни и сегашни ученици, до студентите, колегите од високото образование, до Професорскиот и Студентскиот пленум за отворена поддршка бидејќи сите ние сме нераскинливо и заемно поврзани во еден систем кој единствено како целина може да функционира.

Овој штрајк е ЗА СИТЕ НАС