Отворено писмо на сенаторот Влатко Коробар до ректорот на УКИМ

Проф. д-р Влатко П. Коробар возврати на отвореното писмо на ректорот на УКИМ Велимир Стојковски со ново отворено писмо. Во него тој вели дека начелата за свикување на сенаторска седница, која не беше одржана со објаснување од ректорската управа дека нема услови, се исполнети. Тој беше еден од осумте сенатори кои претходно побараа од ректорот да се одржи вонредна сенаторска седница по повод новите студентски избори. Коробар, во писмото посочува дека комисијата која беше формирана, а на која ќе се разгледува Статутот на УКИМ, во однос на студентското организирање е непотребна, бидејќи како што вели, комисијата нема да го избрише срамот за изборите одржани со помош на МВР и ЕБР.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално Ви го пренесува писмото:

„Почитуван Ректоре,

Со мало задоцнување се запознав со содржината на Вашето отворено писмо во кое се обидувате да одговорите на отвореното писмо од група сенатори во врска со несвикувањето на вонредна седница на Сенатот поврзана со скандалозните избори за претседател на СПУКМ. Во писмото ми се обраќате и лично, па сум приморан да Ви одговорам на истиот начин, со отворено писмо, а во интерес на јавноста.

Изјавивте дека е невообичаено членови на иста институција да комуницираат преку отворени писма. За жал, кон таква комуникација се прибегнува кога нормалната комуникација престанува да функционира. Имено, и по четиринаесет дена од доставеното барање за свикување на вонредна седница, ниту Вие, ниту било кој друг овластен од Вас НЕ се обрати до иницијаторите во врска со барањето. По објавувањето на отвореното писмо, Вие реагиравте веднаш. Како што можете да забележите, во одредени ситуации отворените обраќања функционираат и тоа многу ефикасно.

Во oтвореното писмо целосно ја промашивте зададената тема на Вашиот одговор. Вие воопшто не се занимавате со фактот дека шеснаесет сенатори до шести јули со своите потписи го поткрепија барањето за свикување на вонредна седница на Сенатот, а уште двајца сенатори, заради отсуство, со електронска пошта ја потврдија својата поддршка на барањето. И Статутот и Деловникот утврдуваат дека седница на Сенатот се свикува по барање на една петтина од вкупниот број сенатори. Една петтина од вкупниот број сенатори е четиринаесет. Значи, условите за свикување на седницата на Сенатот беа исполнети. Оваа одредба е императивна. Таа не вклучува проценка на Ректорот колку е оправдано барањето.

Во Вашиот одговор Вие се обидувате да го направите токму тоа, да ја убедите јавноста дека со заклучоците на Ректорската управа и формирањето на Комисијата за извештај за настаните, седница на Сенатот е непотребна. Трагикомично е што сметате дека таа комисија може да појасни нешто во врска со избори одржани на 30 јуни со помош на МВР и нивната ЕБР. Ниту една комисија нема да го избрише срамот дека овие скандалозни избори се случиле на УКИМ, а во време на Вашиот мандат. Изборите беа студентски, но срамот е универзитетски!

Никој, ниту Вие, ниту лицето овластено од Вас, не може да му го одземе правото на Сенатот да се изјасни по ова прашање. Напротив, беше логично да се очекува дека по ваков настан ќе заседава и највисокиот орган на Универзитетот, Универзитетскиот сенат. И ова не се случува првпат.

 Оваа ситуација неодоливо потсетува на една слична, во мандатот на претходниот состав на Сенатот, кога започна изградбата на двата објекта во кампусот со сите настани што на тоа претходеа. Тогаш дваесетиеден сенатор побараа одржување на вонредна седница на Сенатот. Но, таа не се одржа. Тогаш барем нè удостоивте со краток одговор дека седницата на Сенатот нема да се одржи „од оправдани причини“. Тие оправдани причини ги појаснивте на следната редовна седница: наводно, единаесет сенатори ги повлекле своите потписи од барањето. Пишувам „наводно“ зашто и до ден денес, и покрај ветувањето што го дадовте пред членовите на Сенатот, не сте го доставиле на увид ова писмо, та вистинитоста на Вашиот исказ можеме само да ја претпоставуваме, а Вашата великодушна понуда да ни ги „издиктирате“ имињата се разбира дека ја одбивме. Како Ректор, имате нешто повеќе од месец и половина ова ветување да го исполните.

Иако неволно, а заради заштита на сопствениот дигнитет морам да го продолжам ова писмо и да Ве корегирам во следното:

– Отвореното писмо е поддржано од осум сенатори кои со свои електронски пораки ја потврдија согласноста нивните имиња да стојат под писмото. Писмото до Вас, разбирливо, е испратено од еден сенатор, односно од мојата електронска адреса, а не од осум различни адреси. Елементарното домашно воспитание налага за неговата содржина да бидете запознаени истовремено со медиумите;

– Вашето „добронамерно“ укажување да се фокусирам на работата на Комисијата за измена на Статутот во делот на студентското организирање е целосно депласирано. За Ваша, и за информација на јавноста, јас го иницирав првиот неформален состанок на Комисијата, а по мојата електронска порака до членовите на Комисијата се одржа и нејзиниот прв официјален состанок, што ја илустрира мојата посветеност на работата на Комисијата;

– Инсинуацијата за „сценариото“ што го пренесувам од трипартитната Комисија при УКИМ за изработка на нов закон за високото образование е уште посмешна. Јас не сум постојан член на таа Комисија. Во работата на Комисијата учествував како претставник на Професорскиот пленум. Заради природата на пленумското организирање, претставниците на ПП се менуваат по два одржани состанока, па бев во можност да учествувам во работата на Комисијата само на два состанока. Причините за нефункционирањето на Комисијата се подлабоки, а за нив одговорност сноси и Ректоратот, но елаборацијата на тоа прашање го надминува расположивиот простор во ова обраќање. Сепак, останува фактот дека во Вашиот мандат како Ректор, оваа Комисија не го продуцираше очекуваниот резултат – текст на нов ЗВО.

Последните петнаесетина зборови од Вашето отворено писмо не заслужуваат никаков коментар. За мене, со овој одговор нашето допишување е завршено. Зашто Вие, Ректоре, во Вашите нешто повеќе од месец и половина до крајот на мандатот веќе не можете да сторите ништо значајно по прашањата кои се предмет на оваа преписка.

Ако во УКИМ проблемите ги решаваме транспарентно, „на маса“ на која седиме сите, оние кои не му мислат добро на УКИМ, а ги има многумина, ќе мора да се задоволат со трошките што паѓаат од масата. Во спротивно, самите им создаваме услови за „гозба“ на нивната маса.

За Вас е веќе доцна, но се надевам оваа епизода ќе му помогне на новиот ректор да го сфати значењето на Сенатот и важноста на воспоставување вистинска релација со него, како највисок орган на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.