Отворено писмо до македонската јавност

Оваа порака, со цела искра плам и жар што ја носам во себе, ви ја посветувам вам, на сите генерации кои, живеат на ова парче земја, сега, овде, тука во моментов. Вам, на младата и постарата генерација која, секој ден се буди изманипулирана, истоштена, репресирана, која се буди со гнев што, не го споделувате со никој, затоа што тој ви е секојдневие, живеете со него и го носите во себе, а од друга страна велите „кој како ќе си ја нареди“ и дека живееме во „фантастична и магична држава каде што летале пеперугите“. Држава на што??? На илузии??? На научна фантастика??

Страв ви е да го искажете она, потиснатото чувство со кое секојдневно живеете, чувството на рамнодушност, на неодлучност, на; „ма што ми е гајле, мене тоа не ме интересира и тоа не е моја работа“, чувството на маленкост….
Каде ви е своето Јас ??? Се некој друг мисли за вас, додека вашиот мозок колективно е во мирување, спие, се кроти…небаре сте многу релаксирани и можете на раат да размислувате ??? Ма треба бре да ве интересира се комплет !!! Да се интересирате и тоа што не е познато за вас.

И кога изгрева сонцето и кога заоѓа, и дали денес ќе дува ветар, дали ќе биде ладно, топло или доумерено облачно, колку пари ќе имаш денес за да го преживееш денов и дали ќе го преживееш, ќе имаш само за цигари и кафе или за цигари и баничка (а кафето ќе почека), дали му/и студи (покажете грижливост) на тој што патува денес до вас во автобус, на улица, дали има гладни во Македонијава, што ќе има за ручек денес во менза, дома, дали бебињата денес ќе плачат или ќе бидат среќни (ако има млеко), дали професорот ќе дојде на час или не, дали претпоставениот ќе биде релаксиран денес за разговор околу работата или не, дали ќе можете да му помогнете на некој….на се треба да се мисли !!! Затоа тоа се вика ЖИВОТ !!!

А, Живот!! не се партиските комитети, славните Штабови ( како у втора светска војна да се наоѓаме), говорниците за прес каде, некој од политичариве чита нешто, што некој друг му го напишал „дури и не читаат пред да се качат на говорница“, наконтени , накинѓурени, со „фљушти, фљонги“ и разно-разни „модњи“ детаљи, презентираат и креираат високи политики кои: Нам, граѓаните на оваа држава ќе ни биле од голема корист…да ви кажам мое мислење ?? Се е тоа ветар, магла и непотребно потпалување на страсти.

Младите, во корелација со постарата генерација, треба да ја земат ситуацијава во свои раце и да го променат текот на македонскава историја, за да се ослободите од ова утописко влијание на „шовинистичкиот, националистички, комунистички, партиски македонизам и антиквизација“, заеднички, и од конзерватизмот, стереотипите. Да престанете да гледате телевизија по 12 саати ( те турска серија, те вести, те историска програма за македонците, те политичка пропаганда, те избори, те субвенции, те нови вработувања „и тоа не 100 не 1000…туку 64.000 илјади“, те турска серија, те вести…и така до недоглед).

И после Сорооидните опозиционите медиуми ви се криви што ви ја извртуваат вашата „сервирана“ вистина…. Алооо…зарем не гледате дека ви се влезени во вашите глави ?? Свесно Ви ја узурпираат свеста ејјјј, тоа е матрица…..читајте малку повеќе литература ( па каква и да била таа), земете книга в’рака прошетајте во парк, планина, или исклучете ги дома сите уреди и читајте во тишина. Така барем, ментално ќе бидете поздрави и ќе дознаете нешто повеќе, ќе почнете да контемплирате, ќе можете да погледнете длабоко во себе, да се пронајдете самите „ако не сте се пронашле досега“ ?, а тоа што некој ви го сервирал, вие го голтате без да прашате што е ?! А, што ако е отров ?? Срамота…мислам…стварно срамота… Од такви без’рбетници сме дојдени до ова дереџе.

„Надежната“ младина сите во бели кошули (со розе крагњи), каиш со циркони, штофена панталона и лакована остра ципела (машкиот пол)…миниќ „ај да не кажам до каде за да не бидам вулгарен“, штикла 15 см, хулахопка „зависи од повод“ (женскиот пол)…сите ко од некоја серија да излегле, и сите на турбо фолк или екстра Ју- меланхолично, дирљивих, срцепарајуќих хитови „из Босне и Србије“ период 80-ти и 90-ти, и мислам дека ако, ситуацијава вака продолжи, за некое време ќе почнеме да увезуваме руски изведувачи, оти некако, натаму ми тежнее повеќе развојот на музиката отколку, кон Бразил, Куба и Мароко…ма дајте ви се молам…покажете малку респект.

Од ваков народ мислам дека, ќе се откажам од музиката воопшто.

Верувајте ми..Не ми се пее повеќе на англиски јазик…очигледно сите „разбираат“ ама, јас мислам дека веќе никој не чувствува и не сака да слуша, изгубено им е чувството на припадност кон музиката на поголемиот дел, иако, се удираат во гради дека тоа го слушаат дома (исправете ме ако грешам).

И да, почнете да живеете малку во реалниов свет, прифатете ја реалноста околу вас! Судрете се со неа !! Немојте да се залажувате самите…не вреди, а ѝ ќе ви биде криво еден ден. Верувајте ми. Ништо не е вечно. А, само искрено ќе ве замолам, да престанете да не залажувате. Знаеме дека, реалната вистина е далеку поразлична од тоа што моментално се случува.
Престанете да бидете рамнодушни. Рамнодушноста многу боли!!! Многу!!! И кога некој рамнодушно се однесува кон моменталнава ситуација, звучи многу депримирачки.

Ја сакам слободата и копнеам по слободата на делување, дејствување, како начин на изразување, размислување, расудување, слободно општество каде не постои класична партизација, без некој да ве навреди за вашиот изразен и јасен став кон нештата, „кој за кого е“ и дали е некој од „нашите или вашите“, јас ја сакам слободата каде сите ќе дејствуваме избалансирано, а не репресивно и агресивно затоа што, очигледно, некој нема речник на изразување и потребна му е ресоцијализација!!!

Ова е, мое лично убедување и чувство кое, го носам во себе и кое сакам да го споделам со вас, затоа што не сакам да бидам заробен, не сакам да бидам маргинализиран ( а, сум во моментов, заедно со многу други ) !!

Кај сите оние кои, свесно ја набљудуваат, разбираат ситуацијата во која моментално е нашата држава, гледам искрена надеж, која може и која треба, да донесе промени за подобро утре, за онаа светлина која треба да ве разбуди и да ви даде знак, причина, копнеж дека, денес морате да сторите нешто, да создадете нешто, да креирате нешто, нешто кое еден ден ќе има многу големо значење, како за вас така и за сите други.

А, ако не знаете, колкаво може да биде човековото воздигнување и желбата за промени…најдете си ја Џон Ливингстон Галебот од Ричард Бах, и се ќе ви се разјасни.

Пишува: Лазар Ставров

Извор: Мојот град