Отворено писмо до Епл: „Имате моќ, реагирајте“

Акционери во компанијата Епл го предупредија менаџментот што попрво да се реши проблемот со детската зависност од мобилни телефони поради стравот дека со развојот на технологијата ќе се уништи младата генерација.

Предупредувањето доаѓа од Џена Партнерс и „Калифорнија стејт тичерс“ кои поседуваат акции во Епл во вредност од две милијарди долари.

Тие изразуваат загриженост поради се поголемата зависност од мобилните телефони и социјалните мрежи во најраниот период од животот.

„Постои консензус кој се усвојува во светот, вклучувајќи и во Силиконската долина, дека уште сега треба да работиме на последиците на новата технологија. Ниедна компанија не може да пренесе одговорност на некоја друга. Епл би можела да одигра клучна улога во сигнализирање на индустријата да обрати внимание на здравјето и развојот на новата генерација“, се наведува во отвореното писмо.

Инаку, починатиот Стив Џобс во изјава за медиумите изјави дека поради времето кое неговите деца го поминуваат пред своите уреди лично им ја ограничил употребата на интернет и телефони.