Отворено четвртото издание на фестивалот „Про-за Балкан“

Во пријатната атмосфера на Даут-пашиниот амам синоќа беше отворено 4-то издание на Меѓународниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Модератор низ промоцијата беше Ана Јовковска, а за делата на годинашните гости зборуваа писателите Александар Прокопиев, кој е уметнички директор на фестивалот, Ермис Лафазановски и Елизабета Шелева.

Публиката имаше можност да се запознае со делата на Георги Господинов од Бугарија, Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ од Србија, Асли Перкер од Турција и Луан Старова од Македонија. Фестивалот го помогнаа Министерството за култура, Турскиот културен центар во земјава, Културниот центар на Бугарија во Македонија, Европската Комисија во Македонија.

„Годиниве што поминаа, на „Про-за Балкан“ дојдоа извонредна група автори, важни издавачи, при тоа, авторите кои настапуваа тука и со кои се дружевме, се разнородни по своите творечки патишта, ние не сме типично тврд фестивал. Гостите што ги имаме и годинава имаат свој пат и клуч. Крајната цел е македонската публика да се запознае со автори чии дела не само што се регионално важни, но преминуваат и граници. Сите автори што ги имаме гости, се веќе преведени на македонски јазик, а од друга страна, зачестија и преводите на нашите автори на јазиците во регионот. За нас е многу важно што со нас е Џон О Брајан, од „Далки аркајв прес,“ рече Прокопиев.

Четвртиот Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, на издавачката куќа „Икона“ се одржува од 29 до 31 мај, во Даут-пашин амам, книжарницата „Икона“ и во ЕУ Инфоцентарот.