Отворени денови во средните скопски училишта

Град Скопје промовираше иницијатива за отворени денови во средните училишта, на кои  универзитетите и  факултетите ќе понудат информации и одговори на голем број прашања што си ги поставуваат средношколците и матурантите.

„Ги отвораме вратите на средните училишта за универзитетите. Во таа насока, универзитетите и факултетите што се заинтересирани да ги презентираат своите програми пред идните студенти ќе имаат можност да го сторат тоа од годинава, во една поорганизирана форма. Определивме периодот на отворените денови на училиштата од 15 март до 1 април. Можноста која им ја нудиме на средношколците е, преку непосреден разговор и контакти, да добијат информации и одговори и да го направат вистинскиот избор за својот  професионален  развој“, истакна градоначалникот Петре Шилегов.

Според него, досегашните искуства не се позитивни и покажуваат дека голем број матуранти не можат да донесат одлука во која дејност сакаат да се профилираат само преку посетата на саемите и медиумските промоции што ги организираат универзитетите и факултетите, бидејќи, вели тој, истите не се доволни да направат дистинкција помеѓу изборот и можностите.

„Предност  на ваквиот начин на непосредна комуникација меѓу средношколците и универзитетите и факултетите е прецизноста во информирањето за потенцијалните можности за професионален и кариерен развој на учениците, како и за можностите за вработување по завршување на студиите“, рече градоначалникот.

Дополнителна предност на отворените денови на училиштата, дополни тој, е тоа што учениците ќе пропуштат помалку  наставни часови, што ќе овозможи непречено одвивање на наставата.

„Преку ова, учениците ќе можат полесно да ја изберат својата идна професија, како и полесно да се фокусираат за свој напредок. Наша заложба е преку отворени денови во средните училишта да се воспостави практика на организирана, непосредна соработка  со универзитетите и  факултетите  за  прашања  што  се  од заеднички интерес. Нашата тенденција е образовниот систем да продуцира кадри чии профилации ќе придонесат за напредок на општеството и уште поголем развој на вредносниот систем во државата“,  нотираше Шилегов.

Инаку, за логистиката и организацијата на отворените денови во средните училишта ќе бидат задолжени стручните лица од Секторот за образование на Градот Скопје.