Отворена првата конференција за социјални иновации во Македонија

Високата невработеност, социјалните проблеми и малку развиениот пазар на мали и микро бизниси го поттикнале организирањето на првата Конференција на социјални иновации, која денес се одржува во кино „Фросина“.

Во организација на фондацијата „Фридрих Еберт Стифтунг“, „Младиинфо“, „Импакт Хаб“ и Асоцијацијата за истражување, комуникација и развој „Паблик“ (издавач на уличното списание „Лице в лице“), денешната конференција е платформа на која своите идеи за социјална иновација ќе ги претстават 10 говорници од Австрија, Германија, Полска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.

„Живееме во општество коешто има редица проблеми и се надевам дека доколку тие проблеми почнеме да ги гледаме како можности да создадеме од нив иновација, тогаш сме на добар пат да изградиме едно подобро општество. Во исто време ќе создадеме и услови за вработување на лицата од маргините“, вели Климентина Илијевски, извршен директор и уредник на „Лице в лице“, единственото улично списание во Македонија од кое заработуваат улични продавачи кои се бездомници или социјално загрозени лица.

Нита Старова од „Фридрих Еберт“, вели дека фондацијата е основана со идејата за функционално и демократско општество и економски развој за сите.

„Поради тоа, во ваквата ситуација на висока невработеност, сметаме дека поддршката на социјалните бизнис иновации може да придонесе многу во развитокот на иницијативите на младите, што ќе резултира со креирање на нови работни места и делумно решавање на социјалните проблеми на граѓаните“, смета таа.

Токму од овие причини, заедно со Младиинфо и Паблик го организирале денешниот настан, со надеж дека размената на искуства на позитивните примери од регионот и пошироко, може да придонесе во раѓање на нови идеи за социјални бизнис иновации во Македонија.

Антоанета Иванова, коосновач на „Импакт Хаб“ и „Младиинфо“, вели дека се надева дека оваа конференција ќе стане препознатлива во регионот и ќе премине во традиција.

Пред публиката на конференцијата денес своите успешни приказни од полето на социјалната иновација ќе се претстават голем број говорници, меѓу кои и директорката на најтиражниот германски уличен весник „Бис“, Карин Лор.

Таа ја претстави идејата за весникот „Бис“, кој постои од 1993 година. Моментално има тираж од околу 400000 копии, излегува еднаш месечно, и има 48 постојано вработени улични продавачи кои добиваат плата од донатори.

„Ако мислите дека некоја ваша идеја е копија, не мора да значи дека нема да успее. Уште поважно, не мислете дека ако не е можно да вработите некого, дека нема да му се промени животот со тоа што ќе почне нешто да работи“, вели Лор.

Конференцијата трае до 17 часот, а дотогаш ќе бидат претставени и останатите идеи на гостите-говорници. Организирана е и панел дискусија на која присутните ќе можат да разговраат со иноваторите, кои би им помогнале да ги развијат своите идеи.

На Радио МОФ  по завршување на конференцијата ќе биде објавен линк до снимката од настанот.