Отворена групна изложба на фотографии од Охрид

Во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид“ беше отворена изложбата на фотографии од Охрид во голем формат.

„Станува збор за дела на 12 вљубеници во градот под Самуиловата тврдина, кои со својот фотоапарат успеале да забележат неколку заробени моменти од вечната убавина на Охрид“, информираат од општина Охрид.

Според претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска, преку делата има ретка можност да се почувствуваат духот и убавините на древниот Охрид, од друг агол.

„Фотографиите не импресионираат нас, кои живееме во овој древен град, а замислете какви чувства предизвикуваат кај луѓето кои не го посетиле Охрид. Изложените фотографии ни ја потврдуват синтагмата дека една слика заменува илјада зборови“, истакна Ангелоска.

Автори на фотографиите се Петар Паунче, Игор Полкап, Игор Нически, Димче Коруноски, Емил Јовановиќ, Димитар Чавкулоски, Антонио Стаматоски, Кирил Димов, Петар Боев, Томе Љушев, Маријана Пипилева и Даниел Јовески.

„Охрид е премногу инспиративен, има прекрасни места за сликање и едноставно неисцрпна инспирација за уметност“, рече фотографот Петар Паунче.

Според авторот Коруноски, дури и секојдневно да ги сликате истите мотиви, градот е секогаш различен, има прекрасни моменти за фотографирање.

Покрај изложбата, на посебно прилагодениот простор позади споменикот на Св. Климент на gрадскиот плоштад започна и Фестивалот на графити и модерна уметност.