Отворен повик за учество во семинар: Светот околу нас – критичките ставови во регионот

Отворен повик за учество на семинарот за пишување критика во сферата на книжевната, визуелната и изведувачката уметничка продукција со наслов:

Семинарот „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“, предводен од Антонија Летиниќ и Лука Остојиќ, е составен од три работни групи: книжевна критика, критика за изведбени уметности и ликовна критика.

Семинарот ќе се одржува од 14-16 декември во Музеј на современа уметност во Скопје, со почеток од 10 часот, а ќе трае до 17 часот.

Рок за пријавување: 11 декември 2017 година. Потврдата на учество како и понатамошни детали: 12 декември 2017 година.

За учесниците ќе бидат обезбедени ручек и освежување, a на крајот на семинарот ќе бидат доделени сертификати за успешно завршен на семинар.

Пријавување на следниот линк.

Опис на семинарот:

Загрижувачко е отсуството на критичка валоризација на уметничката продукција, како и едукација за користење техники и знаења за критичка аргументација и рефлексија на автори кои ќе ја бележат и вреднуваат современата уметничка и културна продукција во сите медиуми. Од една страна, станува збор за радикална и брза трансформација на медиумското поле, лесно воочлива во последните 40 години, катализирана од процесите на развој на новите технологии. Од друга страна, нејзината трансформација е условена и од самите процеси кои се случуваат во областа на уметничката продукција, а се карактеризира со интердисциплинарен пристап, потрага по нови форми, јазици, пристапи и платформи.

Семинарите кои ќе се одвиваат во рамки на регионалната партнерска платформа „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“, ќе се бават со следните прашања: што претставува критиката денес, кои се процесите што ја условуваат нејзината трансформација, каде се наоѓа денес критиката, кому се обраќа, која е нејзината улога и како таа ги наоѓа своите нови форми и јазици, има ли за неа воопшто простор во јавната сфера, која е нејзината улога, на кој начин се прилагодува на брзиот развој на новите технологии и дали постојат можности за афирмација на нејзиното значење и видливост. Семинарите за критика ќе бидат со менторска поддршка од експерти за критика во сферата на книжевноста, изведбените и визуелните уметности. Учесниците на работилницата ќе добијат детален распоред однапред. Повикот за апликации е отворен за заинтересирани учесници во областа на книжевноста, визуелната и изведувачка критика.
Првиот дел од работилницата ќе се состои од општ вовед во пишување критика, додека пак во вториот дел учесниците ќе бидат поделени во три работни групи и ќе добијат различни вежби соодветни за видот на критика којшто ќе го обработуваат.

Антонија Летиниќ (1979), главна и одговорна уредничка на порталот “Kulturpunkt.hr”. Од 2000 година работи во бројни културни и уметнички организации во Загреб. Од 2004 до 2009 работи на “Еуроказ” фестивалот во одделот за односи со јавност, уредник на фестивалски материјали и публикации, и работелa на извршната продукција на фестивалот. Таа е една од основачите на Здружението за развој на непрофитните медиуми “Немез” и членка на асоцијацијата “Курзив”, каде што ја има функцијата претседател. Од 2009 година таа работи во асоцијацијата “Курзив” како заменичка на главниот уредник на порталот “Kulturpunkt.hr” и води други проекти на оваа организација, меѓу кои е и едукативната програма. Таа пишува за списанија кои се специјализирани за култура и изведувачки уметности и преведува од англиски и француски јазик.

Лука Остојиќ е роден во 1987 година во Шибеник. Дипломирал додипломски и постдипломски студии по социологија и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Од 2008 година работи како колумнист и новинар на книжевниот портал “Booksa.hr”, а од 2014 година работи како главен и одговорен уредник на истиот портал. Од 2016 година има едногодишен ангажман како уредник на онлајн страниците на европската книжевна платформа “Литература преку границите”. Од 2013 до 2016 година работел како главен и одговорен уредник на двонеделникот за култура “Зарез”. Од 2009 година работи како новинар, социјален коментатор, филмски критичар и говорник на порталот “Kulturpunkt.hr”, за списанијата “Хрватска филмска хроника” и “Филмонаут” и за едукативната програма “Ниту да ниту не” на ХРТ. Од 2006 до 2011 година волонтерски го предводи средношколскиот дебатен клус во XVI гимназија во Загреб.

Работата на Контрапункт е финансиски поддржана од страна на Фондација отворено општество- Македонија, Гете-институт Скопје и Фондацијата Култура нова.