Отворен инфоцентар за студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“

На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, кој работи во зградата на ССМ, денеска беше отворен инфоцентар каде што студентите може да ги поднесат документите за упис и да се информираат за студиите на оваа високообразовна институција.

Ректорот Азис Положани изјави дека отворањето на инфоцентарот е уште еден чекор кон воспоставување на, како што рече, академски, кредибилни и ефикасни услуги за студентите.

„Конкурсот за наставници и за администрација е во тек, а од 15 август почнува и првиот уписен рок за студентите за 2017/2018. Нив ги очекуваме во овој простор“, рече Положани.

На отворањето на инфоцентарот присуствуваше заменик-министерот за образование Висар Ганиу кој рече дека просторот ќе биде во функција на студентите за што полесно и навремено да ги завршуваат обврските.

Соопшти дека Министерството за образование и наука обезбедило согласност за 63 работни места на Универзитетот – 43 за предавачи и асистенти и 20 за администрација, а дека со ребалансот на буџетот се обзбедени 4.900.000 денари за идеен проект за Универзитетот.

„МОН и Универзитетот ќе се договорат кој ќе го направи Конкурсот за идејниот проект. Право за тоа имаат и Министерството, и Универзитетот. Но, и ние да го објавиме конкурсот, пак треба да ги користиме средствата од сметката на Универзитетот“, рече Ганиу.

Со Конкурсот за упис на студенти во прва година на Универзитерот „Мајка Тереза“ предвидени се 1.580 слободни места за сите студиски програми на петте факултети (за информатички науки, за технолошки, за технички науки, факултет за градежништво и архитектура и за социјални науки). Меѓу нив има и нови студиски програми кои Универзитетот „Мајка Тереза“ ги акредитираше оваа година.

„Изборот на студиски програми е многу побогат и поинтересен. Има иновативни програми. На пример, меѓу првите во Македонија или можеби само ние имаме програма Геронтологија, имаме Спортски науки, потоа Инженерство за заштита на животна средина и на работно место. Имавме Економско инженерство, кое останува, а оваа година таа програма ја поделивме и сега имаме и Економија претприемништво“, рече ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Положани најави дека наскоро во ОУ „Битолски конгрес“ (Конгреси и Манастирит) во Чаир ќе отворат лаборатории затоа што Универзитетот има студиски програми, главно, од техничките науки.