Отворен час за театарска продукција со Русе Арсов

„Театар за сите“ организира отворен час за театарска продукција со Русе Арсов во недела, 17 декември, во 18.00 часот, на поткровјето на Јавна соба.

Русе Арсов е програмски уредник во Младински културен центар, извршен продуцент и член на програмскиот совет на фестивалот „Млад отворен театар“. Темата на овој Отворен час е театарска продукција.

Што работи еден продуцент; кому „му припаѓа“ театарската претстава: на продуцентот или на режисерот; што сѐ е потребно за да се организира една театарска претстава; кои се разликите и сличностите помеѓу институционалната и независната театарска продукција и др., се само дел од прашањата околу кои ќе се разговара на овој час.

Часот е бесплатен, а организаторите советуваат сите заинтересирани да си резервираат место испраќајќи име и презиме на teatar.za.site@gmail.com.

„Театар за сите“ по третпат го организира овој настан. Досега отворени часови држеа професорката Синоличка Трпкова и Никола Ристановски со Ангела Димитрова.