Отворен час за „гледачот во претставата“ со Ана Стојаноска

„Театар за сите“ организира јавно предавање со Ана Стојаноска, професорка на Факултетот за драмски уметности кое ќе се одржи во среда (28 февруари) во Јавна соба, со почеток од 20 часот. Темата е посветена на „гледачот во претставата”.

Што е театарска претстава, како се гледа и кој ја гледа; која е улогата на гледачот и какви типови на гледачи постојат; како се бележи и чува театарска претстава – ќе бидат само дел од прашањата за кои ќе се разговара, но исто така ќе се разгледа и улогата на театарската критика и видовите критика.

Со оглед на тоа дека местата се ограничени, потребно е претходно да се пријави присуство на teatar.za.site@gmail.com.

д-р Ана Стојаноска (1977) работела како истражувач – координатор во Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности – Скопје од 2002 година. Учествува на многу симпозиуми и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата.

Авторка е на книгите: „Јас и Лин, отпосле“ (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017), „Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ (монографија, ФДУ, 2014) и „Македонски постмодерен театар“ (монографија, ФДУ, 2006). Приредувач на книгите „Драми од Дејан Дуковски“ (Проартс, 2002) и „Современа македонска драма“ (Микена, 2008).