Откажана дебатата за државниот испит на Педагошки, Адеми ќе се сретне само со деканите

Половина час пред почетокот на најавената дената за реформите во образованието и државниот испит која требаше да се одржи на Педагошкиот факултет од 14 часот, МОН испрати соопштение до медиумите каде најавува дека во 14 часот ќе сретне само со деканите на педагошките факултети.

На средбата, според последното соопштение, ќе присуствува и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, а поканети се само новинари, сниматели и фоторепортери.

Ваквата ненадејна промена доаѓа по најавите на студентите од Студентски пленум дека на отворената дебата на Педагошкиот факултет ќе дојдат со транспаренти, револтирани од тоа што не биле поканети на неа и поради тоа што се игнорирани од министерот.

Министерството за образование и наука вчера соопшти дека биле реализирани одделни средби со ректорите и претставниците на државни универзитети, претседателите на Студентските парламенти и Синдикатот за образование, наука и култура, во врска со, како што велат, предложениот пакет мерки за унапредување на целокупниот образовен систем во земјата.