Отфрлена иницијативата за распишување на референдум во Валандово, граѓаните продолжуваат со борбата

Со седум гласа „за“ и осум гласа „воздржани“, Советот на општина Валандово на денешната седница ја отфрли иницијативата за распишување на референдумот за работа на рудникот „Казандол“, информираат од иницијативата за „Спас на Валандово“.

Тие ја покренаа иницијативата пред неколку дена, откако граѓани во Гевгелија се побунија против изградбата на рудници за злато во нивната околина, по што гевгелискиот Совет распиша референдум кој беше успешен.

Валандовци сега најавуваат дека ќе ја продолжат борбата со собирање на потписи. Условот е да соберат минимум 20 отсто од вкупниот број на гласачи за да се распише референдумот.

„Веруваме до последен момент дека кај советниците ќе проработи разумот и свеста над партиските наредби. Но, не сме разочарани. Веќе сме спремни за брзо и неодложно започнување на постапката за собирање на потписи. Одиме до крај„ Валандово не се откажува“, велат од иницијативата за „Спас за Валандово“.

Како што вели Глигорие Џилвиџиев за Радио МОФ, граѓанскиот сектор не се откажува од борбата. Најави дека ќе продолжат собирите, а како што соопшти, планираат да организираат и трибина со експерти. Тој потсети дека граѓаните воопшто не биле вклучени во донесувањето на одлуките.

„Ако граѓаните беа вклучени, немаше сега на луѓето да им се објаснуваат позитивните страни од рударскиот комплекс. Не сакаат населението да биде запознаено“, смета тој.

„Ние како иницијатива немавме барање само за ‘Казандол’, туку уште за двете концесии што се дадени, за Плавуш и Башибос на Беласица“, додаде Џилвиџиев.

„Иако од општината тврдат дека не се запознаени може слободно да ги посетат локациите и да видат дека таму веќе се вршат истражувања“, вели тој.

Инаку, Валандово е познат како град во кој се одгледуваат едни од најорганските производи. Изградбата на овој рударски комплекс, претставува закана за работата на земјоделците од овој крај, бидејќи тоа е нивниот главен извор на заработувачка.