Осуда од Хелсиншки за насловна страница на „Слободен печат“

Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ најостро ја осуди насловната страна на дневниот весник „Слободен печат“ на изданието оваа среда, каде беше објавена фотографија на возрасна жена на протест пред Собранието, и ставена во контекст на општествено – политичките случувања.

„Имено, објавувањето на фотографија на жена учесничка на протест пред Собранието на РМ со наслов „Вмровците ги покажаа забите“ претставува грубо вознемирување на личноста на жената на фотографијата со тенденциозно придавање на карактеристики како што се политичката припадност и социјален статус. Ваквите сензационалистички наслови засновани врз предрасуди претставуваат повод за разгорување на навреди и говор на омраза во јавниот дискурс, опасност за која Хелсиншкиот комитет предупредува во континуитет“, се наведува во соопштението на Хелсиншки од каде бараат уредништвото на весникот јавно да се извини и  воздржи од злоупотреба на ликот на недолжни граѓани кои го остваруваат своето право на протест.

„Слободен печат“ во денешниот број од весникот пак , ги изложи своите аргументи во врска со насловната страница.

„Да, не негирам дека „Слободен печат“, со наднасловот „На почетокот на расправата на законот за јазиците“ и со насловот „Вмровците ги покажаа забите“, се подбива – но не со госпоѓата од фотографијата, туку со пораките од протестот. Не го негираме легитимното право демонстрантите да имаат став за законот за јазиците, но не дозволуваме некој да ни го одземе нашето право да имаме мислење за нивниот став и за нивните пораки. Грубо кажано, подбивањето е во следната метафорична порака – ако не пречи двозабието, зошто би пречела двојазичноста?“, пишува уредникот Бранко Геровски.

Од весникот додаваат дека ако спомнатата личност од фотографијата или некој друг, се почувствува вознемирен од насловната страница, редакцијата се извинува и ги повикува читателите уште еднаш да ги прочитаат и да размислат за аргументите посочени од уредникот.