Осуда и дискриминација, место грижа и разбирање за ЛГБТИ лицата

„Од мало дете, јас мислев дека сум поразлична од другите и секогаш сум гледала на себе како да не сум дел од овој свет. Пред да правам операција, докторот кој ме оперираше откри кај мене недооформена матка, при што дознав дека сум всушност интерсекс лице, а цел живот се чувствував како транс“, ја започнува својата приказна Миа Николовиќ, скопјанка која сега студира и живее во Србија. Таа е една од шестемина припадници на ЛГБТИ заедницата во Македонија, кои ги споделија своите искуства како геј мажи и жени, транс или интер лица, во земја која и покрај напорите на граѓанските организации, сè уште е полна со предрасуди и омраза.

Николиќ е интерсекс лице, односно родена со двата типа на гениталии. Се идентификува како жена, но транзицијата не била лесна.

„Како луѓе треба да сфатиме дека сите ние сме шиканирани од надвор само затоа што сме поразлични, без оглед на тоа како ние се чувствуваме. Јас имав среќа што додека бев во средно училиште, имав многу голема поддршка. Имав такви професори, психолог, педагог, па дури и директорката на гимназијата „Никола Карев“ , кои ме поддржуваа. Но, децата не ја прифаќаа мојата промена. Не се чувствував во ред, но знаев дека еден ден ќе бидам прифатена таква каква што сум“, вели Николовиќ.

Во моментов, Николовиќ се бори за правата на ЛГБТИК заедницата како член на Студентскиот сојуз во Србија, каде студира на Правниот факултет во Ниш. Вели дека и во Србија, како и овде, има доста дискриминација и омраза кон лицата како неа, а недостасува и многу едукација.

Дискриминацијата и зачудените погледи не му се невообичаени ни на Алекс Ристовск, транс момче кое изминатава година јавно прозборе за својата транзиција.

„Доволно е секојдневието и фактот дека кога треба да покажам лична карта изгледам сосема поинаку за да се чувствувам поразлично. Секој ден некој те гледа чудно и треба да објаснуваш нешто, а тоа знае да биде многу стресно. Никој не го интересираат емоциите и психолошкото здравје“, вели Ристовск.

Ристовск потенцираше дека иако ѝ е познат на јавноста, ниту еден од луѓето кои го интервјуирале не сакале да знаат за тоа како се носи со притисокот и јавната осуда.

„Сум имал неколку интервјуа, и секогаш ме прашуваат за операцијата, за хормоналната терапија, но никој никогаш не го интересирале моите чувства и психолошко здравје. Затоа мислам дека треба да се фокусираме на тоа“, заклучува.

Тој, како и другите панелисти, ја акцентираа важноста на ваквите настани и проекти.

Меѓу нив е и Биљана Гинова од Хелсиншкиот комитет и здружението ЛезФем:

„Активизмот кај нас, со исклучок на две-три организации, остана на многу површинско ниво. Недостига едукација, голем дел од активистите се држат само на површински активизам. Ако јас одам на протести и поддржувам ЛГБТ права, не значи дека ќе ги решам сите проблеми во светот“.

Согласен е и Ристовск: „Она што мислам дека е важно е да се здружат што повеќе организации за да се направи побрз напредок во овие работи. Сметам дека е особено важно да се допре до суштината на проблемите, не само до институциите. Да видиме до кој степен сме стигнале во подобрувањето на секојдневните проблеми“.

Гинова додава и дека има надеж за подобрување на правата на овие лица, бидејќи во моментов „се  во нов политички контекст“.

„За разлика откога јас почнав гласно да зборувам за правата на заедницата, прв пат имаме Влада која никако не е идеална, но ни дава простор да разговараме“, смета таа.

Панел-дискусијата истовремено служеше и како презентација на роковник и завршен настан на проектот „Ова се Нашите Приказни: Нечуените Гласови“ реализиран од Стефан Петровски, стипендист на LEAD МК годишната стипендирана програма за млади, која ја реализира Националниот младински совет на Македонија(НМСМ), а е финансиски поддржана од проектот на УСАИД за Граѓанско учество.

Во временскиот период јуни – јули Стефан Петровски организираше шест радио-емисии на Радио МОФ со овие претставници на ЛГБТИК заедницата од Македонија.

„Во изминативе неколку години, ЛГБТИК заедницата одржа голем број на настани кои ја зајакнаа нејзината положба, ја направија повидлива и позабележана. Проектот на Стефан е пример за позитивната промена која инспиративните млади луѓе ја прават за да ја подобрат својата заедница“, изјави за проектот Едвард Гонзалез, директор на УСАИД Македонија.

Стефанија Тенекеџиева