Основци од Скопје наградени на натпревар за вселенски сообраќај во Берлин

Ученици од трето одделение од ООУ Лазо Трповски – Скопје беа наградени на Меѓународниот училишен натпревар за вселенски и воздушен сообраќај 2015, кој секоја година се одржува во Берлин.

Учениците од IIIа се пласираа меѓу 30-те најдобри тимови со својот проект „Заедно да летаме во вселената“, координирани од наставниците Дијана Петроска, Александра Гаџоска и Стефан Симовски.

Годишниот натпревар е организиран од Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија со седиште во Берлин, во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас).

Училиштето Лазо Трповски го реализираше учеството на натпреварот како воннаставна активност. За својот пласман, учениците доија дипломи и автентичен модел на патнички авион Ербас А-380.