Основачот на „Дакли аркајв прес“ од САД ќе гостува на „ПРО-ЗА Балкан“

Познатиот издавач од САД за Европа, Џон О’Брајан ќе биде гостин на четвртиот Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, на издавачката куќа „Икона“.

Фестивалот ќе се одржи од 29 до 31 мај, во Даут-пашин амам, книжарницата „Икона“ и во ЕУ Инфоцентарот.

Џон О’Брајан е издавач и основач на „Дакли аркајв прес“ (Dalkey Archive Press), една од најреномираните издавачки куќи во Северна Америка и една од ретките кои објавуваат литературни преводи и имаат професионална дистрибуција на пазарот во САД. „Далки аркајв прес“ е познат и по годишната антологија на нова европска проза во која промовира триесетина автори од Европа пред читателите во САД. Во нивното портфолио се околу илјада наслови како Луј Фердинанд Селин или Ѓерѓ Конрад, но и Данило Киш, Давид Албахари, Светислав Басара, Андреј Блатник, Драго Јанчар, Мухарем Баздуљ, Георги Господинов.

О’Брајан е ангажиран и на Универзитетот Хјустон, Викторија. Има објавено повеќе од 100 научни статии, голем број рецензии на книги и статии во списанија и весници и има добиено многу меѓународни награди и признанија, меѓу кои и титула Витез од редот на уметностите и книжевноста на Република Франција.

Тој ќе биде гостин на програмата „Skopje fellowship”, востановена во 2014 година и посветена на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Целта на програмата е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да се запознаат со македонската книжевна сцена, како можност од која би произлегле нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, но и од Балканот, вмрежување на писателите и културните работници.

Од „Икона“ информираат дека наскоро ќе ја соопштат целокупната програма на годинашниот „ПРО-ЗА Балкан“, како и името на лауреатот кој ќе ја добие наградата „Прозарт“ за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот.