Осмиот дел на Star Wars доби официјален наслов

Star Wars: Episode VIII, наредниот дел од познатата франшиза кој ќе биде режиран од Риан Џонсон, официјално е именуван во The Last Jedi (Последниот Џедај).

„Официјално е. Star Wars: The Last Jedi е наредното поглавје во Скајвокер сагата. Овој декември“, потврдуваат од Дизни.

Насловот, анализира Independent, е прилично отворен за интерпретација. Може да упатува на протагонистката Реј, нејзиниот нов ментор Лук, или пак цела група на следбеници, бидејќи „jedi“ е и множина на зборот џедај на англиски јазик.

Во The Last Jedi глумат Марк Хамил, Кери Фишер, Адам Драјвер, Дејзи Ридли, Џон Бојега, Оскар Ајзак, Лупита Нионго, Домнал Глисон и други, кои ги репризираат своите улоги од претходните делови. Освен нив, се појавуваат и други актери, меѓу кои е и Бенисио Дел Торо.

Осмата епизода ќе биде и последна во која ќе ја видиме Кери Фишер во улогата на генерал Леиа. Филмот бил снимен пред нејзината смрт во декември, и моментално е во фаза на пост-продукција. Дизни објави дека нема да се обиде со визуелни ефекти да ја „врати во живот“ саканата принцеза Леиа.