Осми „МакеДокс“ од 19 до 25 август во Куршумли-ан

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август во Куршумли-ан во Скопје. Годинава „МакеДокс“ ќе донесе 68 филмови во пет сегменти  – Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма и 65 фестивалски гости. Селекцијата е направена од 2.791 филмови од 120 држави од сите континенти. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“.

 

Фестивалот ќе биде отворен на 19 август со македонската премиера на документарниот филм „Со љубов,“ снимен по сценарио на Атанас Георгиев и во режија на Илија Цветковски, а се прикажува во програмата Нови автори. Во истата програма ќе биде прикажан македонскиот филм „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков.

Осумте документарци во Главната програма на „МакеДокс“, со проекции во Куршумли-ан, ќе се натпреваруваат за наградата „Кромид“. Предвидена е и награда „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор , како и „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм. Годинава, првпат на „МакеДокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм, насловена „Сечкан кромид“. Сите филмови што ќе бидат прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи.

Земја во фокус годинава е Грузија и на 8. „МакеДокс“ ќе може да се проследи избор на седум најнови грузиски документарци.

Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“ на која предавањата од 21 до 25 август во Даутпашин амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стен Милер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.

Ноќите под отворено небо на „МакеДокс“ ќе бидат исполнети со звукот на музиката на три врвни групи. На отворањето ќе настапат „Фолтин“. Планирани се настапи и на словенечкиот ансамбл „Брина“ кој на светската музичка мапа се проби со реаранжирање и осовременување на словенечките народни песни, како и на македонската група „Баклава“.

Незаменлив сегмент во програмата на „МакеДокс“ се Док-муабетите под смоквата, на кои авторите, но и публиката, имаат можност одблиску да се запознаат меѓусебно. Ќе има и промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ на Маријана Котевска Георгиева, но и фото-изложба со наслов „Расприкажани слики од грузиски ракурс“.

Агенцијата за филм на РМ и Министерството за култура во рамките на спроведувањето на програмата „Креативна Европа“ (Култура и МЕДИА) ќе организираат промотивен настан, кој ќе се одржи на 23 август, со почеток во 11 часот, во медија-центарот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.