Осма Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Осмата школа за млади лидери направена по иницијатива на претседателот на Ѓорге Иванов ќе се одржи во Охрид, од 21 до 31 август. На неа е најавено учество на 40 учесници и 22 предавачи од Македонија, Европската унија, САД и Кина.

Целта на школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот.

Меѓу предавачите на годинашната Школа за млади лидери се поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Меидани, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Сани Шенер, поранешниот претседател на Бугарската академија на науките, Стефан Воденичаров, деканот на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа, Давид Пан, амбасадорот, Георг фон Хабсбург, професорот на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, Ѓорѓија Петкоски, како и еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Дејвид Голдсмит.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Швајцарија, Норвешка, Австрија и други земји. Годинашната Школа за млади лидери, исто како и минатогодишната, е поддржана од Фондацијата Алијанса на Цивилизациите.

Школата прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Во досегашните седум обуки, учествуваа околу 280 млади луѓе од целата земја, со различен академски и професионален фокус, а со желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Пред седумте генерации учесници на Школата за млади лидери свои предавања одржаа над 160 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот.