Осма недела Шарена револуција: Боја за Влада, Собрание, Народната канцеларија

Шарената револуција денеска ги обои Владата, Народната канцеларија на Претседателот и Собранието, а маршот на демонстрантите од движењето Протестирам се одвиваше под паролата „Ќе се чаталиме до слобода!“

Протестот почна со вообичаеното собирање пред СЈО, каде со аплауз беше пречекано комбето на Шарената револуција и возачот што вчера беше приведен, па пуштен по распитот во полиција. Демонстрантите оттука продолжија со марш кон Владата, каде со два нови чатали упеаја да направат шарени дамки на белата барокна фасада.

На патот кон Собранието пак застанаа накратко пред Народната канцеларија која ја обоија во препознатливите бои на Револуцијата.

Пред да биде обоено и Собранието, од импровизираната бина се обратија неколку демонстранти кои ги образложија причините за секојдневните протести и побараа мир, слобода и правда за сите граѓани подеднакво.

Протестите започнаа на 12 април, кога јавноста остана шокирана по објавувањето на одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да ги помилува политичарите за кои СЈО води постапки. Протестирам имаат седум барања меѓу кои оставка на Иванов и поништување на аболицијата, вклучување граѓански претставници во преговорите за излез од кризата, формирање преодна влада се до создавање услови за спроведување фер и демократски изборен процес. Досега е исполнето само едно барање за одложување на изборите од 5 јуни.Според најавите на Протестирам, протестите продолжуваат се до исполнување на барањата на граѓаните, а рутата ќе се одредува непосредно пред излегувањето на улица, во 18 часот пред СЈО во Скопје.

Изтовремено со шарените протести во Скопје, на улица секојдневно се излегува и во повеќе градови низ Македонија, како Велес, Струмица, Битола, Прилеп, Штип, Куманово и други.