„Ослободување на Скопје“ на Шербеџија е македонскиот кандидат за „Оскар“

Режисерското филмско деби на Раде Шербеџија и неговиот син Данило, „Ослободувањето на Скопје“ е избрано за македонски кандидат за наградата „Оскар“, во категоријата за филмови од неанглиско говорно подрачје.

Како што соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија, филмот бил избран со мнозинство гласови од Комисијата за избор, која е во состав: Лабина Митевска (претседател), Наум Доксевски, Дејан Дуковски, Петар Богоевски, Роберт Јазаџиски, Мето Јоваовски и Игор Василев-Новоградска.

Инаку, „Ослободување на Скопје“ премиерно беше прикажан на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола на 10 септември, а веќе се прикажува во киното „Синеплекс“ во Скопје.

Официјалната премиера за филмот беше одложена поради неодаманешниот скопски земјотрес, кога беа оштетени делови од киното, па новиот датум е на 1 октомври во „Милениум“.