Општина Велес: Децата од Клуковец во вторник на настава, се санира руинираното училиште

По информацијата за катастрофалната состојба во која се наоѓа основното училиште во велешкото село Клуковец, во кое не се одржува настава за децата, од Општина Велес соопштија дека се работи на санирање на објектот и информираа дека заедно со родителите постигнале договор наставата да продолжи од вторник.

„Во училиштето во село Клуковец, кое е подрачно на ООУ „Васил Главинов“ од Велес, во моментов се одвиваат градежни зафати на една училница. Од фирмата изведувач имаме цврсти гаранции дека нов под, нови прозори и врати ќе има поставено до понеделник. Со тоа условите за настава на учениците значително ќе бидат подобрени. На денешната средба која ја остваривме со претставници на Советот на родители беше договорено наставата за продолжи од вторник“, ни изјавија од Општината.

Вчера за проблемот реагираа од Детската амбасада Меѓаши, кои споделија фотографии на кои се гледа ужасната состојба во која се наоѓа објектот. Тие побараа „елементарни услови за образование“ на децата од Клуковец.

„Тешко е со зборови да се опише состојбата која ја затекнавме. Во 50-тина квадрати руинирани и пред распаѓање треба да учат 50 деца од кои 13 треба да се првачиња и да учат во 9 квадрати кои се наменети за нив. Разрушени ѕидови, влага, без огрев… Ниедно дете не оди на училиште оваа учебна година“, опишаа од Меѓаши.