Охриѓани бараат нови филмови во градското кино

Под мотото „Да, за прикажување нови филмови во киното во Охрид“, охриѓанецот Дамјан Милески покрена онлајн петиција со која бара од Центарот за култура „Григор Прличев“ да ги прикажува најновите светски филмски остварувања.

„Сите луѓе уште од најмала возраст се запознати со филмот. Филмот нѐ учи на љубов, морал, среќа, тага и нѐ носи во нови светови создадени во фантазијата на режисерот кои ни даваат чувство на авантура. Нѐ запознаваат со животите на најпознатите и највлијателните личности во историјата, ни го збогатуваат знаењето за планетата, вселената, литературата. Сето тоа прикажано на големото платно допира до срцата на гледачите, но таква шанса во Охрид сѐ уште немаме“, вели тој во петицијата.

„Јас како љубител на филмови како и многу мои сограѓани сакаме да се прикажуваат нови филмови во киното кое е дел од Центарот за култура „Григор Прличев“. Желбата да гледаме најнов филм од омилен глумец, режисер нѐ тера да патуваме до Скопје, Битола, а може да го зачуваме времето поминато во пат за нешто друго. Верувам дека имаме доволно публика која сака да гледа филмови, односно која ќе ја поддржи оваа петиција“, додава Милески во петицијата.

По собраните потписи, петицијата ќе им биде предадена на на директорот на центарот и на градоначалникот.

Поддршка за петицијата може да дадете на следниот ЛИНК.