Охридско лето: Проекција на филмот „Тетовирање“ и концерт на виолинистот Џафери и пијанистката Черњавска

Шеснаесеттиот фестивалски ден на „Охридско лето“ резервиран за концертот на виолинистот Џафер Џафери и германската пијанистка со украинско потекло Милана Черњавска, како и за проекција на култниот филм „Тетовирање“ на Стале Попов.

Концертот ќе започне вечерва во 21 часот во црквата „Света Софија“,  а на репертоарот се познати дела на Моцарт, Прокофјев, Брамс.

Џафери своето образование го започнува во родната Македонија, а потоа школувањето го продолжува на Академијата за музика и изведувачки уметности во Манхајм. Чест учесник е на музичките фестивали во светот, а како солист и камерен музичар соработувал со голем број значајни музички имиња. Добитник е на голем број национални и интернационални награди и признанија.

Милана Черњавска е еден од најзначајните пијанисти на денешнинава. Со своите извонредни изведувачки способности постојано ги воодушевува слушателите насекаде во светот. Покрај солистичката дејност Черњавска често настапува и како камерен музичар, соработувајќи со извонредни музичари.

Во рамки на филмската програма на фестивалот што оваа година е посветена на продукцијата на „Вардар филм“, вечерва ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на режисерот Столе Попов. Филмот снимен во 1991 година има добиено повеќе награди меѓу кои „Гран При“ на филмскиот фестивал во Херцег Нови, Златна Мимоза“ за режија на Фестивалот во Ниш, како и Втора награда за сценарио на Мирко Ковач на Филмскито фестивал „Манаки“ во Битола.

Проекцијата е во Големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 20 часот, а влезот е слободен.