Охридските активисти протестираа против масовното труење бездомни животни

Со мирен протест во центарот на Охрид, активисти и граѓани побараа контрола на продажбата на отрови што се користат за земјоделските култури, а кои често се злоупотребуваат за труење на бездомните животни. Протестот е закажен напладне, на плоштадот во Охрид. Протестот беше организиран од здружението за заштита на правата на животните „Анималиа“, од каде укажуваат дека досега ниту еден случај на труење на бездомни животни не е расветлен. Протестот, додаваат, се случува поради пасивноста на Министерството за внатрешни работи и на ветеринарниот инспекторат.

„Денес го дигнавме гласот против злото отрови наречено. Го дигнавме гласот против злото убиство наречено. Бидејќи ние љубителите на животните (љубителите на животот) не сакаме во такво општество да живееме, општество кое тие убиства ги толерира. А сведоци сме дека со децении ги толерира. Не сакаме ни на идните генрации такво општество да им оставиме во наследство. Зарем би сакал некој? Бидејќи оној кој се дрзнува да убие животинче, тој не така тешко ќе се дрзне и човек да убие само ако му засмета. Бевме некаде 70-80 души, иако очекуваваме барем стотина да се собереме. Сите оние кои не дојдоа, а имаа време за тоа, значи дека се игнорантни кон злото. Игноранцијата значи поддршка на злото против кое денес гласот и го кренавме. На само 10 метри од нас кафето го пиеше градоначалникот на Охрид. Не ни дојде да се заинтересира што тоа неговите граѓани кои протестираат сакаат да кажат. Ова кажува многу“, вели за Радио МОФ Климент Арнаудов од „Анималиа“.

Погледнете ги подолу фотографиите од протестот преземени од профилот Martinko40, со дозвола на авторот.