„Оффест“ завршува со настапите на африканските музичари Кинг Ајисоба и Нура Минт Сејмали

Четиридневниот фестивал „Оффест“ вечерва финишира со африканските музичари Кинг Ајисоба и Нура Минт Сејмали. Тие во денсинг-салата на МКЦ од 20:30 часот на посетителите треба да им обезбедат ноќ за танцување, хип-лајф и психоделичен африкански блуз.

Последниот фестивалски ден започнува од 19 часот со проекција на документарниот филм „Every song has its name“ на продуцентот, режисер, едукатор и музичар, Пол Чендлер. Проекцијата ќе биде во киното „Фросина“.

По филмот, харизматичниот Кинг Ајисоба треба да ја претстави „старата империјата на Гана и глобалниот експрес на 21-от век“. Односно, ритмите кои го создадоа минатото заедно со ритмите на сегашноста, соединети во едно со Кинг Ајисоба.

За заокружување на „Оффест“ ќе се погрижи музичката кралица од Мавританија, Нојра Минт Сејмали. Инспирирајќи се од репертоарот на маварските гриоти, која е посебна каста на поети и историчари, нејзиниот бенд предизвикува песочна бура од хипнотички ритми кои спојуваат традиционални мавритански инструменти, како ардин и тидинит, со звуци на еден психоделичен рок бенд.

Инаку, фестивалот започна во четвртокот, со соло-настап на Дамир Имамовиќ од Босна, најпознатиот изведувач на севдах кој е и интернационално афирмиран, а по него македонскиот сосостав „Љубојна“ го потврди својот статус на верен носител на музичката традиција.

На репертоарот на „Оффест“ во петокот во Македонскиот народен театар настапија Бела Чао и Жизела Жоао од Португалија. Фестивалот синоќа се пресели во МКЦ, каде во денсинг-салата настапија виолинистката и пејачка од Естонија, Марја Нут, а по неа и корејската група „Блек Стринг“, која негува спој на традиционална и современа музика со типични корејски инструменти, како геомунго и бамбусови флејти. Саботната вечер заврши со полноќен концерт во клубот „Станица 26“ на познатото диџејско дуо „Ден Сорте Сколе“ од Данска.