Одложено издавањето на еврообврзницата

Македонија го одложи издавањето на седумгодишната еврообврзница откако член на опозициската СДСМ денеска преку писмо ја оспорил легалноста на постапката, објави Ројтерс. Оваа вест доаѓа откако првично беше соопштено дека државата ја понуди еврообврзницата на светските берзи, а каматата за неа требаше да изнесува 5 проценти.

Издвањето на седумгодипната еврообврзница е одложено денеска откако до заедничкиот менаџмент составен од претставници на Сити, Дојче банк, Ерсте банк и Сосиете женерал кои требаше да тргуваат со неа било испратено писмо од поранешниот дополнителен министер за финансии Кире Наумов, воедно пратеник од редовите на СДСМ. Во него, тој наведува дека земјата можеби нема легална основа за нејзино издавање.

Од СДСМ преку соопштенија велат дека агентите го одложиле издавањето на еврообврзницата во вредност до 650 милиони евра, но дека не е целосно откажана.

„Одложувањето е потврда дека сите аргументи и апели за ова финансиското злостроство по налог на Никола Груевски од 650 милиони евра е незаконско и на штета на граѓаните, економијата и идните генерации се успешни. Сите инволвирани страни во процесот на издавањето на еврообврзницата, се обврзани да дејствуваат во рамки на важечката правна регулатива“, се вели во соопштението.

Со свое писмо до четирите банки кои беа вклучени во процесот на издавање на еврообврзницата и соопштение излезе и партијата Левица. Од таму изразија огромно задоволство поради одложувањето на еврообврзницата и велат дека ова е мал триумф на сите кои се бореле против неа.

Според Левица, еврообврзницата се издава во време на длабока политичка криза, кога во Македонија има антивладини протести скоро секој ден, а опозициските партии го бојкотираат Собранието. Исто така, велат дека одлуката за издавање на еврообврзница може да биде прогласена за нелегална, бидејќи таа не е во согласност со Буџетот за 2016 година, ниту со договорот од Пржино.

Премиерот Емил Димитриев, пак, денеска соопшти дека новото задолжување со еврообврзница треба да помогне во навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери.

Против новото задолжување се одржа и протест, организиран од неформалното движење Шарена револуција, со мотото „1,1 милијарди причини за крај“. Тие порачаа дека не прифаќат државата и граѓаните да тонат во долгови, како и дека не ги признаваат „долговите на расипниците“.