Одложен денешниот протест против загадувањето

„Протестот ЗА чист воздух“ што требаше да се одржи денеска од 15 часот пред бараките на Град Скопје се одложува до, како што велат иницијаторите, некои други црни денови.

Додека за Радио МОФ беше потврдено дека протестот се одложува, во меѓувреме скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека ќе го поддржи денешниот протестен собир. „Ќе излезам бидејќи јас ја делам истата загриженост како и секој жител на Скопје. Јас го дишам истиот воздух како што го дишат и тие луѓе. Ќе бидам со нив и ќе ги повикам кај мене во канцеларија, да разговараме за проблемите. Секогаш може да се дојде до добра идеја од било кој наш сограѓанин. Градот работи посветено и веќе презедовме сериозен сет на итни интервентни мерки. Повеќе од 140 милиони денари токму годинава се поветени токму за заштита на животната средина, што досега не било предвидено“, рече Шилегов.

Инаку, ова требаше да биде прв протест против отровниот воздух во новата 2018 година, откако на средината на изминатиов декември граѓаните протестираа пред Влада и ја потсетија новата власт за ветувањата и одговорноста кон аерозагадувањето.

„Кога ПМ10 честичките се над 75, 200, 400… а може брзо да се случи 1.000 микрограми, поддржуваме да се бојкотира настава, да се организираат масовни протести, граѓанска непослушност, блокирање на патишта, се’ со цел да се подобри состојбата и брзо да се намали прагот за алармирање (за загадувањето). Да биде максимално 75 и ‘алармот’ да ѕвони два дена последователно“, рекоа тогаш дел од присутните граѓани.

[Фото + видео] Граѓани протестираа пред Влада и ја потсетија власта за одговорноста за загадувањето