Од Гугл до бизарни вести – ова се најпосетуваните интернет страници во светот

Со 28 милијарди посети месечно, Гугл е најпопуларната интернет страница на светот според рангирањето на „Алекса“.

Најпознатиот интернет пребарувач се најде на првото место од 1,1 милијарди интернет страници кои постојат во целиот свет. На второто место е видео сервисот ЈуТјуб со 20,5 милијарди месечни посети.

Во најпосетуваните 10 сајтови се уште и Фејсбук, Амазон, Јаху, Википедиа, Реддит, И-беј, Твитер и Нетфликс.

Сингапурскиот хостинг сервис Водиен, направи инфографика на најпопуларните 100 веб-сајтови во светот. Страниците се поделени по боја според категоријата која ја претставуваат (на пример социјалните мрежи се светло сини, сајтовите за информации и датабази се во жолта, додека новинските страници се со боја на праска).

Според оваа класификација информативните публикации се најзастапени, со 14 сајтови, социјалните мрежи се застапени со 12 сајтови, додека веб и фајл хостинг сајтовите се појавуваат 11 пати во топ 100.

Во најпосетуваните 100 има и три страници за порно содржини, како и две страници за торенти и пиратско гледање филмови. Листата ја затвора веб-сајтот Скрибол, онлајн магазин за бизарни вести.

Инфографиката во целосна големина можете да ја најдете овде.